Намирница која многумина ја купуваат само затоа што мислат дека е здрава: Напротив! Може да го зголеми холестеролот и ве здебели

Точка

20/02/2026

16:33

718

Големина на фонт

а а а

Можеби сте мислеле дека овесното „млеко“ е поздрав избор од кравјото, но се покажало дека тоа не е баш така.

Производот кој на почетокот беше наменет за вегани и лица со нетолеранција на лактоза, за многумина стана неизоставен дел од секојдневната исхрана. Продажбата на овесното „млеко“ доживеа вистински процут во последните десет години, а го измислил шведскиот научник во областа на исхраната, Рикард Осте, почеткоот на 1990-тите, кој подоцна станал коосновач на компанијата „Oatly“.


Индустријата на овесното млеко денес вреди повеќе од 300 милиони евра и покрива 40% од вкупната продажба на растителни млека во Велика Британија. Сепак, експертите предупредуваат дека токму оваа водечка алтернатива може да биде и најмалку здрава. Нутриционистите истакнуваат дека постојат подобри алтернативи на млекото од овесен напиток, особено за оние што сакаат да ги избегнат млечните производи, нагласувајќи како главни проблеми високата содржина на шеќер и додадените масла.

Овие предупредувања доаѓаат по пресудата на Врховниот суд дека е незаконско компаниите да го брендираат овој напиток како „млеко“, со што заврши долгата правна битка помеѓу лидери на пазарот како „Oatly“ и млечната индустрија.


Роб Хобсон, нутриционист од Брајтон, ја коментирал оваа одлука: „Пoјасното означување може да помогне во избегнување на забуни и да овозможи фер споредба. Нутритивно, овесното и кравјото млеко се многу различни производи. Кравјото млеко е природно богато со висококвалитетни протеини, јод, калциум и витамин Б12. Овесното млеко обично содржи помалку протеини и често се збогатува за да достигне нивоа на калциум и витамин Б“, пренесува „Вечерњи лист“.

10% овес, остаток вода со масла и емулгатори

Хобсон исто така нагласил дека овие напитоци содржат додадени шеќери и масла, особено во таканаречените „бариста“ верзии и ароматизирани пакувања.

Причината за тоа е што „бариста“ верзиите на овесното млеко, кои често се користат во кафулињата, содржат само околу десет проценти овес. Остатокот го сочинува вода мешана со масла и емулгатори кои ги поврзуваат состојките и овозможуваат создавање пена при загревање, слично како кај кравјото млеко.

Иако природниот овес, на пример во форма на овесни снегулки, се препорачува за намалување на нивото на холестерол поради високата содржина на влакна, преработениот напиток може да има спротивен ефект.


Д-р Оливер Гутман, кардиолог од болницата „The Wellington“ во Лондон, предупредува дека додадените масла во овесното млеко може да придонесат за зголемување на нивото на холестерол ако се консумираат прекумерно.

„Овесот, кога се јаде во каша, може со текот на времето да го намали холестеролот бидејќи содржи многу влакна кои го намалуваат холестеролот. Меѓутоа, пиењето пенливо овесно млеко со повисока содржина на масти може да го зголеми холестеролот ако се пие во прекумерни количини“, објаснува Гутман.

Нагли скокови на гликоза

Експертите исто така предупредуваат дека високата содржина на шеќер може да биде штетна за здравјето. Наглите скокови на гликоза во крвта, кои се случуваат кога нивото на шеќер во крвотокот ја надминува способноста на клетките да го искористат за енергија, обично се проследени со остри падови, што може да предизвика напади на глад. Долгорочно, чести скокови на гликоза се поврзуваат со развој на дијабетес тип 2 и болести на срцето.

На пример, составот на едно популарно овесно млеко вклучува вода, овес (10%), масло од репка, регулатор на киселост, минерали како калциум карбонат и калиум јодид, сол, како и витамини D2, B2 и B12, а на 100 мл содржи 3,4 г шеќер.

„Додека порано верувавме дека заситените масти се лоши за холестеролот, сега сè повеќе се препознава дека и шеќерите во исхраната можат да влијаат на него“, вели нутриционистката Сара Каролидес. „Тоа би можел да биде причината за извештаите за луѓе чијшто нивоа на холестерол се намалиле откако престанале да пијат овесно млеко.“


Подобро е соино

Наместо овесно млеко, експертите како најдобра алтернатива го препорачуваат соиното млеко. Според истражување на научници од Универзитетот во Минесота, соиното млеко е нутритивно најслично на традиционалното кравјо млеко. Соиното млеко содржи малку калории и заситени масти, а е богато со растителни протеини, за кои истражувањата сугерираат дека можат да бидат корисни за здравјето.

Се произведува со натопување и мелење на соини зрна, а комерцијалните верзии често се збогатуваат со хранливи состојки како витамини B2, B12, D, калциум и јод, иако можат да содржат и засладувачи и сол.

Истражувањата сугерираат дека природните соединенија во сојата, познати како изофлавони, можат да бидат поврзани со намалување на ризикот од рак на дојка и забавување на знаците на стареење.


„Соиното млеко се пие во Азија веќе векови и е најдобрата растителна алтернатива бидејќи е нутритивно најслично на кравјото млеко“, заклучува нутриционистката од Лондон, Клементин Вохан.