Се трудите вашата кујна да биде чиста, ги дезинфицирате работните површини, темелно го миете мијалникот и редовно ги фрлате остатоците од храна од фрижидерот. На крајот на краиштата, безбедноста при подготовка на храната е подеднакво важна како и тоа оброците да бидат вкусни и нутритивно вредни.
Сепак, некои секојдневни кујнски навики и предмети можат вас и вашето семејство да ве изложат на зголемен ризик од болести што се пренесуваат преку храна, но и од други здравствени проблеми. Експертка за безбедност на храна откри кој вообичаен кујнски прибор може да претставува проблем, како и кои се побезбедни алтернативи, пренесува „EatingWell“.
Оштетени нелепливи садови
Садовите со нелеплив слој во принцип се безбедни за употреба доколку се користат правилно. Меѓутоа, тавите кај кои слојот е изгребан или почнува да се лупи треба да се исфрлат од употреба.

„Кога нелепливите слоеви ќе се изгребат или прегреат, можат да почнат да се разградуваат, па постои поголема веројатност хемикалии или ситни честички да преминат во храната“, објаснува Чамали Кодикара, раководителка на Одделот за безбедност и управување со квалитет на храната при Институтот на технолози за храна.
„Истражувањата покажаа дека неправилната употреба или оштетувањата можат да ја забрзаат разградувањето на слојот, особено при високи температури.“ Време е за замена на тавата кога површината е видливо изгребана, кога слојот се лупи или кога храната повеќе не се лизга по површината при подготовка.
Кодикара советува преминување на керамика, нерѓосувачки челик или леано железо. Ако сепак купувате нов нелеплив сад, користете умерена температура и никогаш не загревајте празен сад, за да го продолжите векот на траење на слојот.
Пластични садови за чување храна
Пластичните садови се практични, но можат да ослободуваат микро- и наночестички пластика во храната, особено кога се загреваат. „Честото подгревање, користењето во микробранова печка или долготрајната употреба на пластика во контакт со храна може да го зголеми ослободувањето на адитиви или супстанции настанати од разградување на материјалот, особено во присуство на топлина и масти“, наведува Кодикара.

Таа додава дека топлината го забрзува тој процес, но и подолгото чување храна во пластика, било на собна температура или во фрижидер, може да ја зголеми изложеноста.
Доколку сакате да ја намалите употребата на пластика, фрлете ги садовите што се деформирани, напукнати, ја смениле бојата или повеќепати биле изложени на високи температури. Како побезбедни алтернативи се препорачуваат стаклени садови, нерѓосувачки челик или силикон со прехранбен квалитет, особено за подгревање и долготрајно чување храна.
Истрошени даски за сечење
Истражувањата покажуваат дека од пластичните даски за сечење со текот на времето можат да се одвојуваат ситни честички што завршуваат во храната. Меѓутоа, ни дрвените даски кои се силно истрошени не се без ризик.
„Длабоките резови и жлебови на даските за сечење, без разлика дали се пластични или дрвени, можат да задржуваат бактерии и да го отежнат темелното чистење“, предупредува Кодикара.

„Таквите површини можат да станат резервоар на патогени и да го зголемат ризикот од вкрстена контаминација меѓу суровите и готовите намирници.“ Ако даската има длабоки засечоци, видливи оштетувања или задржува непријатни мириси и по миењето, време е да ја замените.
За да го намалите ризикот од вкрстена контаминација, користете една даска за сурово месо, риба и морски плодови, а друга за зеленчук и веќе подготвена храна. По секоја употреба, даската темелно измијте ја и по потреба дезинфицирајте ја.
Сунѓери
Иако редовно ги миете садовите и ги бришете работните површини, истражувањата покажуваат дека патогените бактерии во кујнските сунѓери можат да се задржат подолго од една недела.
„Нивната влажна и топла структура е идеална за брзо размножување на микроорганизми и го олеснува преносот на бактерии на рацете, садовите и работните површини“, објаснува Кодикара.

Препораката е сунѓерите да се дезинфицираат секојдневно или да се менуваат најмалку еднаш неделно, со цел да се намали ризикот од ширење на микроби.
Кујнски крпи
Дури и ако наместо хартиени бришачи користите кујнски крпи, тие можат да станат извор на проблем доколку не се перат правилно, особено ако остануваат влажни или се користат повеќепати без перење.
„Перете ги на повисоки температури и избирајте материјали што брзо се сушат за да го ограничите растот на бактерии“, советува Кодикара. Крпите секогаш добро исцедете ги и оставете ги целосно да се исушат меѓу користењата за да спречите натрупување на микроорганизми.

Не мора да го исфрлите целиот овој прибор од кујната, но клучно е редовното и правилно одржување. Заменете ги истрошените даски и оштетените тави штом забележите знаци на абење, размислете за премин од пластика на стакло, а сунѓерите и крпите перете ги, дезинфицирајте ги или менувајте ги навреме за да ги држите бактериите под контрола.













