После поминатиот одмор на јадранското или јонското крајбрежје во Албанија, поранешните Југословени одлучуваат да купуваат станови во познато летувалиште во таа земја.
Во Шенѓин, мал албански крајбрежен град којшто некогаш имал значајна улога во српската историја, има сѐ повеќе купувачи на недвижнини од Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Хрватска и Црна Гора.
Според зборовите на Есин Лекиќ, менаџер на една компанија која се занимава со изнајмување на туристички вили во Шенѓин, тоа место има одлична позиција, пренесува српски „Блиц“.
Се наоѓа во близина на Тирана, но и Скадар, до аеродромот и има многу добра патна инфраструктура, а последните неколку години таму има сѐ повеќе купувачи од земјите на поранешна Југославија.
„Моментално најмногу станови продаваме на купувачи од Србија, од Ниш и од Белград. Тука станови купија неколку семејства од Нови Сад. Најмногу се бараат станови од 62 до 75 метри квадратни. Цената на метар квадратен е од 900 евра, па нагоре“, изјавил Лекиќ.
За купување на недвижнини на море во ова симпатично летувалиште се одлучил Аднал Муратовиќ од БиХ. За „Косово онлајн“ тој изјавил дека таму го привлекле поволната цена на метар квадратен која минатата година била значително пониска. Тој го избрал Шенѓин поради близината на аеродромот, но и добрата поврзаност на тоа место со останатите градови во Албанија.
„Кога станува збор за документацијата, многу е едноставно. Сѐ беше онака како што се договоривме. Кај нотар се потпишува купопродажен договор, потоа се врши плаќање, а кога имотот ќе се плати се добива документ на име на купувачот. И, тоа е тоа, со тоа што интересно е тоа што доколку сте во брак, тој стан којшто се купува мора да се води и на двајцата сопружници. Така што сите оние кои сакаат да купат стан, а сопругот или сопругата не го знаат тоа, тоа е невозможно да се изврши“, низ насмевка изјавил Муратовиќ.
Сопственик на приватна куќа која има свој паркинг и неколку апартмани во Шенѓин, Албан Сокај, во изјава за „Косово онлајн“ кажал дека има само пофални зборови за туристите кои кај него доаѓаат од 2020 година.
„Сезоната беше многу добра. Ние сме многу задоволни. Гостите ни беа туристи од сите страни. Имавме Италијанци, Срби, Македонци, луѓе од Косово. Ние сме задоволни со нив“, изјавил Сокај.
Албанија станала сѐ поинтересна туристичка дестинација, не само за луѓето од регионот туку и за оние кои живеат надвор од него.