Доналд Трамп можеби ги иззема паметните телефони, лаптопите и другите електронски производи од неговите „реципрочни“ тарифи.
Сепак, 46 од 50 артикли што доаѓаат во САД од Кина сè уште подлежат на царини.
Повеќе од три четвртини од конзолите за видеоигри, процесорите за храна и електричните вентилатори увезени во САД минатата година беа произведени во Кина. Кина, исто така, е производител на 75 отсто од куклите, трициклите, скутерите и другите играчки на тркала што им беа испорачани на американските потрошувачи од странство минатата година.
Компанијата што ја произведува куклата Барби, „Mattel“, предупреди дека ќе биде принудена да ги зголеми цените за да ги надомести загубите бидејќи 40 отсто од нејзините производи се произведени во Кина.
Одлуката на администрацијата на Трамп да ги изземе паметните телефони, рутерите, опремата за производство на чипови и одредени компјутери и лаптопи од таканаречените реципрочни царини во Кина, следеше по една недела турбуленции на американските пазари.
Исклучоците се голема победа за американските технолошки компании како „Apple“, „Nvidia“ и „Microsoft“, чии акции паднаа минатата недела. Лаптопите и паметните телефони беа највредниот увоз на Кина минатата година, со вкупно 74 милијарди долари.
Американците сепак ќе го почувствуваат „убодот“ од царините на Трамп, предупредува Чад Баун, соработник во Институтот за меѓународна економија Петерсон.
Царините значат дека ладењето во летните месеци ќе биде скапо за оние Американци кои сè уште не се подготвиле – девет од 10 електрични вентилатори купени од странство во САД минатата година дошле од Кина, како и 40 отсто од климатизерите. Кина доминира на глобалниот извозен пазар за два од овие артикли. Американците кои размислуваат да купат нова микробранова печка, исто така, ќе се соочат со потенцијални зголемувања на цените; 90 отсто од увезените во САД минатата година дошле од Кина, а Пекинг контролира три четвртини од глобалниот извозен пазар.
Кинеската доминација на толку многу глобален извоз значи дека нема да биде лесно да се најдат алтернативни производители, изјавила за Фајненшл тајмс Али Ренисон, од консултантската куќа „SEC Newgate“. „Американските и западните компании во последните години ги префрлаат своите синџири на снабдување од Кина во други азиски земји“, рекла таа.
„Но, со толку многу кинески суровини и составни делови кои се користат во производите што ги склопуваат, многу ќе зависи од тоа колку тие правила се специфични за производот и колку земјите се наклонети кон Америка.“