Франција бара итно повлекување на два модели автомобили – спорни се оние произведени меѓу 1998 и 2019 година, имало и смртни исходи

Супермен

19/06/2025

11:45

1.630

Големина на фонт

а а а

Францускиот министер за сообраќај, Филип Табаро, побарал сите модели на автомобили „Citroen C3“ и „DS3“ поради „Takata“ воздушните перничиња да бидат повлечени од патиштата, пренесуваат француските медиуми.

Оваа мерка стапила на сила откако една жена починала кога воздушното перниче ѝ експлодирало при негово активирање.

Владата на Франција соопштила дека оваа мерка се однесува на возилата произведени меѓу 1998 и 2019 година поради опасности од неисправност на воздушните перничиња при нивно активирање, односно опасност од нивно експлодирање кое може да предизвика тешки повреди или смртен исход.

Претставници на Министерството за сообраќај на матичната компанија „Citroen - Stellantis“, како и локалните власти, засега не одговориле на барањето од медиумите за коментар.

Француските медиуми пренесуваат дека претходно месецов, една жена починала, а тинејџер бил повреден откако дошло до активирање на воздушното перниче. Во март едно лице го изгубило животот во француската територија Гваделуп, исто така поради дефект во воздушното перниче, потврдиле властите.

Што е „Takata“?

„Takata“ била јапонска компанија која произведува безбедносна опрема за автомобили, првенствено воздушни перничиња, појаси и детски седишта. Основана е во 1933 година, а со децении била еден од најголемите светски добавувачи за речиси сите големи произведувачи на автомобили, вклучувајќи ги и Honda, Toyota, BMW, Ford, Citroen…

Проблемот настанал затоа што нивните воздушни перничиња имале сериозен безбедносен пропуст: под одредени услови (влага, висока температура, старост на материјалот), перничето при судир експлодира пресилно и ги распрскува металните делови кон возачот и патниците, како бомба. Тоа довело до десеттина смртни случаи и стотици повредени ширум светот.

Поради тоа „Takata“ повлекла повеќе од 100 милиони автомобили. Компанијата поради тоа банкротирала во текот на 2017 година. Денес нејзиниот бизнис го презел кинескиот произведувач „Key Safety Systems“, а името „Takata“ повеќе не постои.

Сепак, на патиштата сѐ уште се наоѓаат автомобили кои имаа воздушни перничиња кои ги произвела таа компанија.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk