[ФОТО] Ова е најекстремната преработка на новиот "Lamborghini"

Супермен

07/07/2025

13:24

696

Големина на фонт

а а а

Не грижете се — зад оваа модификација не стои "Mansory".

Како и минатата година, тјунерската куќа "DMC" повторно реши да го доработи моделот "Revuelto", правејќи го и онака екстремниот италијански суперавтомобил уште понеобичен. Со новиот "bodykit" пакет, тие се приближија до стилот на споменатиот тјунер познат по крајно екстравагантните преработки.

Запознајте го "Revuelto Integrale" — и веднаш да разјасниме, "Lancia" нема апсолутно никаква врска со овој автомобил. Комплетниот сет е изработен од карбон и му дава уште поагресивен и поатрактивен изглед, дополнително заострувајќи го дизајнот.


Предниот дел е релативно воздржан. "DMC" додаде нов преден сплитер од карбонски влакна со аеродинамични крилца, како и изменети калапи со мат карбонски детали и отвори за воздух.

Модификациите продолжуваат долж страничните делови, каде се поставени нови странични прагови со нагласени завршетоци наменети за подобрување на аеродинамиката кон задниот дел. Достапни се и нови фелни — 22 инчи назад и нешто помали напред. Стандардно доаѓаат со "Pirelli P Zero Corsa" гуми, а клиентите можат да го изберат финишот на тркалата.


Најрадикалните промени се на задниот дел. На поклопецот на моторот е додадено ново задно крило инспирирано од претходно понудениот "Aventador". Изгледа впечатливо — сè додека не се активира фабричкиот подвижен спојлер. Финален елемент е радикално дизајнираниот дифузер со шест масивни карбонски ламели. Купувачите можат да нарачаат и специјално доработена внатрешност со контрастни шавови, ласерски врежани логотипи и нови површини во кожа или алкантара.

"DMC" не запре само на дизајнот. Интервенирано е и на механиката: вграден е издувен систем од не’рѓосувачки челик, а софтверските приспособувања ја подигнаа моќноста на 1.115 коњски сили.

Производството на пакетот "Revuelto Integrale" ќе биде ограничено на само 50 примероци. Основната цена на комплетниот "bodykit" изнесува 24.990 долари, а со новите тркала се искачува на 39.990 долари. Само задното крило чини 6.990 долари.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk