Следното Светско првенство во фудбал ќе се одржи во 2026 година во САД, Канада и Мексико. Тоа ќе биде првпат во историјата еден Мундијал да биде организиран од три различни земји. Бранител на титулата е Аргентина, која Лионел Меси во 2022 година во Катар ја однесе на светскиот трон.
Турнирот во 2022 година воедно беше и последното издание на Светското првенство со 32 репрезентации. Веќе следната година ќе гледаме дури 48 репрезентации, а судејќи по сè – ФИФА тука не планира да застане. На состанокот одржан вчера, на кој присуствувале претседателот на ФИФА Џани Инфантино и генералниот секретар Матијас Графстром, повторно беше потврдено дека се разгледува дополнително проширување.
Според пишувањата на „The Athletic“, историски турнир нè очекува во 2030 година, кога на Светското првенство би можеле да учествуваат дури 64 репрезентации.
За ваков формат особено се залагаа земјите од Јужна Америка – Парагвај, Уругвај и Аргентина. Идејата прв ја претстави претседателот на Фудбалската федерација на Уругвај, Игнасио Алонсо, на состанок во март, а два месеца подоцна приказната доби ново поглавје на конгресот на ФИФА во Парагвај.
Планот предвидува Парагвај, Уругвај и Аргентина да добијат по еден натпревар за отворање на првенството, со што би се оддала почит на 100-годишнината од првото Светско првенство одржано во 1930 година во Монтевидео. Остатокот од турнирот би се преселил во Шпанија, Португалија и Мароко.
И уште сега постојат бројни полемики околу форматот на Мундијалот во 2030 година, бидејќи домаќините ќе бидат распределени на три континенти и во шест различни земји.
Навивачите го изразуваат своето незадоволство поради можното проширување на 64 учесници, предупредувајќи дека тоа би донело премногу „здодевни“ натпревари. Но, изгледа дека нивното мислење во овој момент има мало влијание врз одлуките на ФИФА.