Венчавката на Селена Гомез и Бени Бланко е една од најочекуваните оваа година, но и една од најтаинствените.
Се шпекулира дека парот би можел да го изговори судбоносното „Да“ кон крајот на месецов во Калифорнија.
Подготовките за големиот ден внимателно се чуваат во тајност, но неколку детали за прославата протекоа во јавност.
Селена и Бени ги прославија своите момински и ергенски забави кон крајот на август. Таа уживала во сонцето со пријателките во Лос Кабос, Мексико, додека тој организирал забава со пријателите во Лас Вегас.
Тајмингот на забавите привлече внимание бидејќи значи дека свадбата се приближува, а можеби ќе се одржи во сабота, 27 септември.
Парот наводно, одбрал имот во Санта Барбара, Калифорнија, за да ги угости своите гости. Според „Page Six“, за време на свадбениот викенд гостите ќе престојуваат во хотелот „El Encanto“. Цената на собата е 3.500 долари по ноќ, а резервациите се веќе целосно пополнети.
Деталите за свадбата се чуваат во строга тајност, а гостите ќе имаат организиран превоз од хотелот до имотот, без точни информации каде ќе се одржи настанот.
„Сите се возбудени и покрај мистеријата. Тие знаат дека ги очекува прекрасно искуство“ изјавил извор близок до парот.
Во декември 2024 година, Селена ја сподели веста за нејзината свршувачка на социјалните мрежи. Бени ѝ даде прекрасен прстен за да ја круниса нивната љубов по повеќе од една година врска.
„Засекогаш почнува сега“, напиша пејачката под низа фотографии од свршувачката, гордо покажувајќи го овалниот дијамантски прстен што нејзиниот вереник ѝ го дал.
Иако Селена и Бени почнале да се забавуваат во 2023 година, тие се познаваат повеќе од една деценија. Имено Бени работел и со поранешниот партнер на Селена, Џастин Бибер. Меѓутоа, нивните патишта се вкрстија дури во 2023 година, кога Бени ја продуцирал песната „Single Soon“.
Кога се прошири веста за свршувачката, медиумите истакнаа дека Бибер се нашол во сенка на Селена Гомез, со која имал турбулентна врска со години пред да се ожени со Хејли Бибер во 2018 година. Сепак, кога Селена се свршила со поранешниот продуцент на Бибер, тој наводно доживеал „измешани чувства“.
„Џастин му се доверил на Бени за својата болка поради Селена. На некој начин, се чувствувал предаден, иако знаел дека нема право да се чувствува така“, открил изворот.
Извор за „In Touch Weekly“ додал дека Бибер се чувствувал повреден кога Бени го исклучил од својот живот.
„Тие биле одлични пријатели, па ова бил голем шок“, истакнал изворот.
Без оглед на чувствата на Џастин, Селена едвај чека да се омажи за Бланко. Во разговор за Ролинг Стоун, парот изјави:
„Мислам дека секој ден планираше нова свадба во својата глава. Ние сме тип на луѓе кои живеат „ден за ден“. Сè уште не сме свесни за сè. Додека вие зборувавте, таа седеше таму и го гледаше својот прстен“, рече Бени.
Селена додаде дека е пресреќна што е свршена:
„Навистина чувствувам дека ова е толку посебен момент и дека можеме да го пренесеме во овој албум, искрено да ги изразиме нашите чувства и да ги споделиме со светот. Тоа е мојот главен фокус во моментов“.