Португалската фудбалска легенда и ѕвезда на клубот Ал Насар, Кристијано Роналдо, го претстави својот најнов парфем „Legacy“ со којшто дополнително ја прошири својата успешна линија на производи под сoпствено име.
Во објава на социјалната мрежа Инстаграм, фудбалерот сподели фотографии на кои позира во црн костум додека во рацете го држи шишенцето од новиот парфем.
„Смело, безвременско, наследено. Креирано да ве инспирира“, напишал во објавата.
Како што наведува страницата посветена на парфемите „Fragantia“, „Legacy Eau De Parfum“ на Кристијано Роналдо е дрвенест ароматичен мирис за мажи којшто го осмислил ценетиот француски создавач на парфеми Пиере Негрин.
Горните ноти се лаванда, цимет и јаболко, средните ноти се жалфија, кедрово дрво и рузмарин, основните ноти се амбра, светли дрва и пачули. Достапен е во три големини од 30, 50 и 100 милилитри.
Цената за купување на најмалото шишенце изнесува 35 фунти (околу 40 евра), цената на средното шише е 45 фунти (околу 51 евро), додека пак цената на најголемото шише изнесува 65 фунти (околу 74 евра).