Откриени се два вида на габи против кои супербактериите немаат никакви шанси. Станува збор за габи кои се пронајдени во отровен рудник во Монтана, а бактериите можат да уништат четири видови од златната стафилокока (MRSA).
Новиот антибиотик е сличен на познатата класа на антибиотици, иако тој ги убива бактериите на досега незабележан начин. Неговите ефекти, помеѓу останатото, се потврдени на стрептококи, бактерии кои предизвикуваат болки во грлото и бактерии на антракс.
Наведените габи биле пронајдени во еден потопен и напуштен рудник за бакар, Беркли Пит (Berkeley Pit), кој може да се пофали со длабочина поголема од 540 метри. Она што е карактеристично за овој рудник е водата која е исклучително кисела – со РН 2,5 и исполнета со тешки метали, меѓу кои железо, бакар, арсен и кадмиум. Водата е толку токсична што била причина за смрт на неколку стотина снежни гуски кои имале потреба од засолниште поради вообичаените сезонски миграции.
Andrea A. Stierle и Donald B. Stierle се хемичари од универзитетот во Монтана, кои веќе две децении ги проучуваат необичните споеви од овој рудник. Тие досега успеале да откријат габа наречена „Taxomyces andreanae“, која може да ги уништува клетките на ракот како и организми кои синтетизираат молекули со антиинфламаторно дејство.
Во новата студија, научниот тим истражувал што се случува кога ќе се спојат два различни вида на габи Penicillium заедно. За помалку од една недела откриле дека двете габи заедно продуцирале нови состојки, кои ниту една од нив не ги создава самостојно.
Самата молекуларна структура на овие состојки е слична со класата на антибиотици, познати како макролити. За разлика од нив, новите споеви (сега наречени „berkeleylactone A“) не ги блокираат рибозомите ниту синтезата на протеините, што укажува на нивниот нов начин на делување. Истражувањата покажале и дека „berkeleylactone A“ не содржи шеќер ниту двојна врска, што исто така упатува на нивниот нов начин на антибиотското дејство.
На истражувачите сѐ уште не им е јасно на кој начин оваа состојка ги убива бактериите, но се отвара можност новиот механизам, кога ќе стане појасен да претставува основа за создавање на многу поефикасни антибиотици во борба против отпорните патогени.
Истражувањето е објавено во списанието Journal of Natural Products.