Ретка верзија со поделено задно стакло предизвика вистинска аукциска треска.
Основниот модел на "Porsche 911 Carrera" од 2025 година чини 128.000 долари и нуди 388 коњски сили.
Сепак, некој неодамна потрошил речиси 100.000 долари за негов далечен претходник – со само 24 коњски сили и мотор сместен одзади.
Не, не станува збор за стар "Porsche", туку за стара "Volkswagen Beatle".
Станува збор за ретка верзија од 1952 година со поделено задно стакло, чија старост и спецификите на европскиот модел предизвикаа вистинска треска на аукцискиот сајт "Bring a Trailer", каде што автомобилот беше продаден за точно 95.959 долари. Според порталот "CarScoops", оваа бројка можеби не е случајна – таа може да биде алузија на "Porsche".
Бубата изгледа како штотуку да излегла од фабрика. Браниците, рамките на фаровите, прозорците, па дури и рачките на вратите се обоени во бојата на каросеријата, без никакви логоа или ознаки на марка или модел – што ѝ дава изненадувачки модерен изглед.
Бидејќи е мошне стара, оваа Буба има неколку карактеристики кои подоцнежните модели ги немаат.
Највпечатлив детаљ е поделеното задно стакло – сите "Буби" имале овално стакло сè до 1958 година, но само моделите пред 1953 година имале двoделно.
Други ретро елементи вклучуваат 16-инчни тркала со класични хромирани капи, едноделни странични прозорци и т.н. „семафор“ трепкачи што излегуваат од Б-столбовите наместо современи светла.
Автомобилот го придвижува рана верзија на боксер мотор со зафатнина од 1.131 кубик и само 24 коњски сили, во комбинација со четиристепен менувач без синхронизатори.
Ако сето ова ви звучи застарено, треба да знаете и дека кочниците се механички – управувани со сајли, а не со хидраулика.
За време на аукцијата, некои експерти за "VW" коментираа дека возилото има неколку неавтентични делови чие заменување би чинело вистинско богатство, па оценуваа дека цената е пренадуена.
Сепак, дури и да е сè оригинал до последниот шраф – можете ли да замислите некој да плати шестцифрена сума во долари за скромна Буба со 24 коњски сили?