Препорака за сите возачи пред поаѓање на летување, подолго патување или патување во странство, е задолжително да ја проверат техничката исправност на своите возила.
Летните месеци се време на зголемен сообраќај, гужви на патиштата и подолги задржувања на границите, а високите температури дополнително го оптоваруваат возилото, особено постарите автомобили.
Поради гужвите во сервисите за време на летните месеци кои се очекуваат, додека капацитетите се ограничени, одговорно е секој возач навреме да закаже преглед.
Контролниот преглед на возилото не трае долго, но е исклучително важен. Потребно е возачите навремено, недела или две пред поаѓање на пат, да направат детална контрола на целото возило и системите во него, почнувајќи од управувачкиот, кочничкиот и системот на потпирање, до системот за климатизација, електроинсталацијата, заптивките, шелните, цревата и доводот на гориво, свеќиците, разводните капи, запчестиот и клинестиот ремен и останатото.
Исто така, експертите посочуваат дека е неопходно да се провери и состојбата на пневматиците, состојбата на метлиците на бришачите и работата на системот за бришење и миење на шофершајбната, како и евентуални други скриени оштетувања на возилото, за да се спречи дефект на подолги релации за време на патувањето.
Контролниот преглед е особено препорачлив кога купувате половно возило, ако возилото подолго време не е користено или ако чувствувате било какви промени во неговото однесување како чуден звук, мирис или вибрации.
Кога станува збор за промена на инсталациите, се истакнува дека во изминатите години се забележани повеќе случаи на пожари на автопат предизвикани од дотраени или неправилно поправени електроинсталации, особено кај постари автомобили.
До ова доаѓа затоа што се прават импровизации со кабли, спојници и дополнителни потрошувачи (музика, светла, ладилници) што претставува сериозен ризик.
Затоа особено се апелира сопствениците на возила постари од 10 години да не ги игнорираат симптомите како мирис на горење, слабо палење, проблеми со осветлувањето или автоматските осигурувачи.
Покрај основната опрема, како што се резервно тркало, сет за репарација, рефлектирачки елек, безбедносен триаголник, прва помош, резервни сијалици и основни алати, возачите треба да обрнат внимание на прописите на земјите во кои патуваат.
Исто така, се нагласува дека поседувањето противпожарен апарат тип S2 во одредени држави од Европската Унија и регионот, меѓу кои се Грција, Бугарија, Шпанија, Франција, Италија, не е препорака, туку законска обврска.
Ако го немате, може да бидете казнети на граница или за време на контрола. Казната за немање противпожарен апарат тип S2 во возилото во Европската Унија варира во зависност од државата, но во повеќето земји каде што е задолжителен, глобата обично изнесува од 20 до 120 евра. Држете ги во внатрешноста на кабината за да ви бидат секогаш достапни, без разлика колку ви е полн багажникот.
Се нудат најразлични видови на контролни прегледи, кои се разликуваат во зависност од потребите на возачот и состојбата на возилото. Вреди да се напомене дека многу сервиси не ги наплаќаат контролните за своите редовни муштерии, а во ситуации кога утврдените недостатоци веднаш се отстрануваат во истиот сервис, па често доаѓа до намалување на вкупната цена на услугите.
Кај постарите автомобили дефектите не може секогаш да се предвидат, па возачите се предупредуваат дека ако не се сигурни во состојбата на автомобилот, да не ризикуваат.
Техничката исправност на возилото не служи само за да избегнете казна, туку за да стигнете таму каде што сте тргнале, безбедно и мирно. Безбедноста не почнува на патот. Почнува во сервисот и на техничкиот преглед на возилото.