[ВИДЕО/ФОТО] Новиот "Golf GTI" е најбрзиот сериски "VW" досега – но "Honda" сепак го победи

Супермен

16/06/2025

10:13

874

Големина на фонт

а а а

Новиот "Golf GTI Edition 50", чија официјална премиера допрва следува, е прогласен за најбрз модел со "VW" ознака што некогаш ја има совладано оваа барана патека.

Откако "Xiaomi" го собори рекордот за најбрз сериски електричен автомобил на Нирбургринг, и "Volkswagen" има причина за славење на прочуената германска патека – иако станува збор повеќе за личен рекорд отколку за апсолутна титула.

"Golf GTI Edition 50" – „хот хеч“ со погон на предни тркала – ја мина Нирбургринг патеката за 7 минути и 46,13 секунди, што е над една секунда побрзо од "Golf R 20 Years Edition" и повеќе од три секунди побрзо од претходната генерација "GTI Clubsport S".

Во суштина, новиот модел е побрз од двата претходници и затоа што ја возел подолгата конфигурација на патеката – 20,8 километри.


Претходните времиња беа измерени на пократката верзија од 20,6 км, која ги исклучува последните 200 метри од правецот кај старата старт/цел линија покрај трибината "Т13".

На таа пократка патека, овој специјален "GTI" постигнал извонредни 7 минути и 41,27 секунди.

И покрај тоа што "GTI Edition 50" е новиот крал во "VW" семејството, сè уште заостанува зад "Honda Civic Type R" за 1,25 секунди.


Јапонскиот „хот хеч“, кој би можел наскоро да исчезне од европскиот пазар поради построгите еколошки стандарди, останува најбрзиот автомобил со погон на предни тркала на „Зелениот пекол“.

"Civic Type R" во 2023 година ја заврши целата конфигурација од 20,8 км за 7 минути и 44,88 секунди.

Официјалната премиера на најбрзиот "GTI" во историјата е закажана за 20 јуни. Засега е познато дека рекордот е постигнат со тест возило многу слично на сериската верзија, опремено со опционалниот "Performance" пакет.


Нема податоци дали е зголемена и силата на моторот. Стандардниот "Golf GTI" располага со 265 коњски сили од 2.0-литарски турбо четирицилиндарски мотор, додека "Clubsport" верзијата развива 300 коњски сили.

Снимката од патеката потврдува дека тест моделот бил опремен со "DSG" автоматски менувач со двојна спојка, што не изненадува – бидејќи со рестилизираниот "Mk 8.5" модел, "GTI" остана без мануелен менувач.


"Golf R" исто така премина исклучиво на "DSG", додека пониските верзии сè уште нудат мануелен менувач на европскиот пазар.

Единствениот "VW" што би можел да го предизвика "GTI Edition 50" е потенцијалниот "Golf R Clubsport" – доколку се најде во производство.

Сепак, "ID. R" останува најбрзиот "Volkswagen" на Нирбургринг – овој тркачки електричен прототип ја мина патеката за неверојатни 6 минути и 5 секунди – време кое сè уште ниту еден сериски модел од Волфсбург не може да го достигне.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk