"Android 16" конечно пристигна, но наместо унапредувања – донесе цела низа проблеми. Корисниците се жалат на багови, побавна работа на уредите и значително послаба батерија.
Најновата верзија на "Android" оперативниот систем – "Android 16" – беше пречекана со големи очекувања, но наместо пофалби, предизвика лавина критики. Иако "Google" најави нови напредни функции и засилена безбедност, реакциите на социјалните мрежи се полни со разочараност – и тоа со оправдана причина.
"Android 16" воведува неколку новитети како „VIP пинирање“ на омилените контакти на почетниот екран и засилен режим на сајбер-заштита. Но овие функции брзо беа засенети од сериозни технички проблеми кои, според корисниците, се секојдневни, фрустрирачки и за многумина – непростливи.
Најчестите поплаки се однесуваат на основното користење на уредот. По надградбата на "Android 16", многумина забележале дека навигациските копчиња повремено престануваат да функционираат, а гестовите стануваат непредвидливи. Резултатот? Екраните се замрзнуваат, апликациите не реагираат, а корисниците се принудени постојано да ги рестартираат уредите.
На "Reddit" и "X" сè почесто се појавуваат објави од луѓе на кои ова им се случува неколку пати дневно. „Телефонот ми се замрзнува среде пишување порака. Не можам ништо да направам додека не го изгасам“, се жали еден фрустриран корисник. Ваквите проблеми сериозно ја доведуваат во прашање стабилноста на системот.
Покрај замрзнувањето, корисниците пријавуваат и драматично успорување на мобилниот интернет – дури и на уреди што претходно работеле беспрекорно. Многумина сметаат дека проблемот лежи во неоптимизирани позадински процеси кои ја оптоваруваат меморијата и мрежните ресурси.
Дополнително, значително се влошила и автономијата на батеријата. Телефони кои порано траеле цел ден, сега се исклучуваат уште во попладневните часови. За многу корисници, ова е доволна причина да се откажат од "Android 16" – барем додека не излезат итни исправки.
Важно е да се напомене дека проблемите не се појавуваат кај сите. Некои корисници велат дека сè функционира без застои, што уште еднаш го нагласува фрагментираниот карактер на "Android" – каде искуството зависи од производителот, моделот и верзијата на фирмверот.
Но токму оваа „среќна игра“ дополнително ги иритира корисниците. Едни уживаат во стабилен систем, додека други не можат ниту телефонот да го отклучат. Изгледа дека "Google" со предвременото објавување остави премногу обврски на производителите – кои очигледно не беа подготвени.
Најголемите визуелни измени, како интерфејсот „Material 3 Expressive“ и унапредениот десктоп-режим, сè уште не се достапни за обичните корисници. Моментално се ограничени на верзии за програмери и се очекува да пристигнат дури на есен.
Поради тоа, многумина имаат чувство дека инсталирале „празно“ ажурирање – полно со багови, а со малку придобивки. Сè повеќе експерти советуваат да се почека со преминот на "Android 16" додека не се решат клучните проблеми. Засега, стабилната верзија изгледа далеку од подготвена.