На непозната локација во Белгија се наоѓа напуштен салон на „Alfa Romeo“, кој со години стои недопрен. Откако сопственикот на салонот трагично починал, вратите на салонот биле затворени, а во него останале заробени бројни класици. Повеќе од десет автомобили сè уште се наоѓаат внатре и околу излозите, покриени со слоеви прашина и нечистотија.
Поглед на овие временски капсули фрла јутјуберот „The Bearded Explorer“, кој снимил обиколка на салонот и ја споделил приказната со јавноста. Без сомнение, за љубителите на старите „Alfa Romeo“ модели, но и на модерните класици, ваквата глетка е како сон.
Внатре и надвор од зградата може да се видат различни модели на „Alfa Romeo“ во различни состојби на зачуваност. Меѓу најинтересните на надворешниот простор е „Alfa Romeo 166“ со познатиот 3,0-литарски „Busso V6“ мотор, кој сега пропаѓа изложен на временските услови. Во самиот салон, пак, стои сина „Alfa Romeo 156 GTA“ со подеднакво импресивна механика.
На снимката се појавуваат и класични модели како „Giulia“, „Alfetta“, „75“, неколку примероци од моделот „33“, вклучително и еден подготвен за трки. Подобрите познавачи ќе ги препознаат и моделите „155“ и „145“, како и поновите модели „156“, „147“, „GT“ и „159 Sportwagon“. Има и возила од други производители, како „Smart Forfour“, „Abarth Punto“ и два „MG TF“ роудстери.
И покрај годините на занемарување, изненадувачки е да се види дека некои автомобили изгледаат зачувани – ентериерите се чисти, а гумите напумпани, што сугерира дека некој сепак повремено се грижи за просторот. Ова е особено видливо во сервисниот дел, кој е поорганизиран отколку што би се очекувало во напуштен објект.
За време на снимањето, на јутјуберот му пристапила сосетка и му раскажала повеќе за позадината на оваа необична локација. Имено, нејзиниот сопруг го водел салонот сè до трагичната сообраќајна несреќа во која загинал, недалеку од самиот салон. По тоа, нивниот син повремено доаѓа за да го исчисти просторот и да го провери неговото состојба, но канцеларијата и поголемиот дел од салонот останале недопрени со години.
Семејството не сакало да ја продаде зградата ниту автомобилите, што дополнително ја нагласува емотивната тежина на целата приказна. Уште една интересна подробност е дека сината „156 GTA“ што стои пред салонот всушност му припаѓа на клиент кој никогаш не ја презел.
Иако состојбата на возилата не е позната, не се сомневаме дека сите овие автомобили би имале одличен успех на аукција.