Жените од 17-ти ноември работат „за џабе“! Ова е приказната за Марија, личноста со чиј живот многумина можат да се идентификуваат

Супермен

19/11/2025

12:19

654

Големина на фонт

а а а

Жените во ЕУ и понатаму во просек заработуваат 0,88 евра за секое едно евро што го заработуваат мажите, што значи дека од 17 ноември па до крајот на годината симболично „работат за џабе“, според проценките на Европската унија.

Еднаквата плата за жените и мажите сè уште не е реалност во Европската унија, бидејќи мажите и понатаму во просек по час заработуваат околу 12 проценти повеќе.

Тоа практично значи дека жените, барем теоретски, од понеделник (17 ноември) можат да престанат да работат до крајот на годината за да се надомести разликата во заработката.


Брисел секоја година го одбележува овој ден како „Ден на еднакви плати“.

„Не постои ниту една причина мажите и жените да бидат различно платени за иста работа“, порачаа европските комесарки Роксана Минзату и Хаџа Лахбиб.

Иако разликата во заработките во последните десет години е намалена за околу четири проценти, напредокот е и натаму бавен, а ЕУ е далеку од вистинска родова рамноправност кога станува збор за примањата.

Околу 24 проценти од постојниот јаз се објаснува со тоа што жените се значително позастапени во послабо платени сектори, како што се негата, здравството и образованието. Исто така, жените неделно работат повеќе часови од мажите, но многу повеќе време оди на неплатена работа, што влијае на нивниот професионален напредок.

„Жените и понатаму се соочуваат со нерамномерна распределба на грижата за другите. Ваквата нееднаквост им го отежнува пристапот на жените до пазарот на труд и напредокот во кариерата“, изјави за „Euronews“ Белен Санз, директорка на UN Women за Европа и Централна Азија.

Положбата во хиерархијата исто така влијае на заработката. Имено, помалку од една од десет директорски позиции во компаниите ги држат жени.


Од 2020 година Европската комисија направи поместувања во политиките за родова рамноправност, особено преку иницијативите за рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, услугите за грижа и транспарентноста на платите. За да го намали родовиот јаз во вработувањето, ЕУ во 2023 година ја предложи Директивата за транспарентност на платите.

Според новите правила, кои најдоцна ќе стапат на сила во јуни 2026 година, компаниите ќе мора да објавуваат информации за платите и да воведуваат промени доколку разликата во заработките меѓу половите надминува пет проценти.

Европската комисија во моментов подготвува нова Стратегија за родова рамноправност за периодот по 2025 година, која ќе дефинира нови иницијативи и прописи за следните години.

Приказната за Алекс и Марија

На сајтот на Европската комисија за односот кон жените и мажите на пазарот на труд, сликовито се наведува примерот на Марија. Таа и нејзиниот пријател Алекс завршиле градежен факултет како најдобри во генерацијата. Добиле престижни пракси, работеле исто, се бореле подеднакво и собирале препораки. А потоа влегле на пазарот на труд.

Првата пречка – општествени модели. Двајцата се пријавиле за слична позиција. Алекс побарал поголема почетна плата затоа што секогаш учел да биде сигурен во себе. Марија, плашeјќи се да не делува „проблематично“, преговарала значително повнимателно. Свесна дека работодавачот може да се грижи дека еден ден ќе сака семејство и можеби „не се вклопува“ во претежно машкиот тим, се согласила на помалку.

Втората пречка – разликата во платите. Три години работеле исто. Алекс бил унапреден во менаџер. Марија добила скромно зголемување.


Третата пречка – родителство. По неколку години, Марија заминала на породилно и подоцна преминала на скратено работно време за да ги усогласи обврските. Алекс, иако и тој има деца, не ја прекинува кариерата.

Четвртата пречка – стаклениот таван. Во индустријата доминирана од мажи, Марија ретко гледала жени на раководни позиции. Постепено престанала да верува дека и самата може да стигне до таму. Алекс, од друга страна. Пронашол ментор кој постојано го поттикнувал и туркал напред.

Петтата пречка – неплатена работа. Кога родителите на Марија остареле, грижата за нив паднала првенствено на неа. По работното време, доаѓала дома за да продолжи со другата, неплатена работа. Изморена, се повлекла од трката за унапредување.

Приказната за Марија и Алекс е измислена, но како што се наведува на сајтот на ЕК, реалноста е идентична за огромен број жени ширум Европската унија. Причините поради кои жените заработуваат помалку не се едноставни: се испреплетуваат општествени стереотипи, структурни пречки и директна дискриминација.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk