На овој швајцарски производ ниту американските царини не му можат ништо: Продажбата скокнала за 20% во САД

Супермен

09/12/2025

18:14

878

Големина на фонт

а а а

Продажбата на луксузни швајцарски часовници во САД останува силна и покрај сè уште високите царини на увозот од Швајцарија, покажуваат полугодишните резултати на компанијата „Watches of Switzerland Group“, што укажува на отпорна побарувачка во највисокиот пазарен сегмент.

Продажбата скокнала за 10 отсто

Овој британски малопродажен синџир, кој е најголемиот продавач на часовници „Ролекс“, „Омега“ и „Картие“ во таа земја, пријави групен приход од 845 милиони фунти (967 милиони евра) во 26-неделниот период заклучно со 26 октомври 2025 година, што претставува раст од 10 отсто при константен девизен курс и осум отсто при тековните девизни курсеви, пишува „Euronews“.

Приспособената добивка пред камати и даноци се зголемила на 69 милиони фунти (78,9 милиони евра), што е раст од 6 отсто при константен девизен курс. Добивката пред оданочување скокнала за 50 отсто, на 61 милион фунти (69,78 милиони евра).

Постигнатите резултати доаѓаат и покрај наглото зголемување на американските царини за увоз од Швајцарија претходно во текот на годината, што дополнително ја зголеми цената на увезените часовници произведени во таа земја.


Царините од 39 се спуштени на 15 отсто

Царината од 39% на увозот од Швајцарија беше воведена на 7 август 2025 година, пред Вашингтон и Берн во ноември да постигнат договор за нејзино намалување на 15%. Иако и стапката од 15% и понатаму е историски висока, побарувачката за дел од најскапите швајцарски часовници продолжува да расте на годишно ниво.

Извршниот директор Брајан Дафи изјави дека компанијата „остварила силна прва половина од годината, со раст на групните приходи од 10% по константен курс и добри нивоа на профитабилност… како и силен слободен паричен тек и висок поврат на ангажираниот капитал“.

Раст на продажбата на часовници во САД за 20 отсто

Пазарот на САД бил најуспешен. Приходите таму пораснале за 20% по константен курс и достигнале 409 милиони фунти (467,8 милиони евра), што претставува 48% од вкупните групни приходи и 59% од приспособениот EBIT.

Дафи ги опишал САД како „клучен двигател на нашите резултати, со силна побарувачка во сите брендови и категории“, додавајќи дека „тој регион сега носи речиси 60% од нашата вкупна профитабилност“.


Компанијата „Watches of Switzerland“ соопшти дека брендовите во САД ги зголемиле цените за да ги надоместат повисоките трошоци предизвикани од царините, растот на цената на златото и промените на девизните курсеви, но нагласиле дека побарувачката за клучните швајцарски брендови останала силна.

Луксузните часовници останале темел на работењето и придонеле со 84% во вкупните групни приходи. Компанијата наведува дека побарувачката за најважните швајцарски брендови „останува силна и постојано ја надминува понудата“, со постојан прилив на нови клиенти на листите на интерес и силен раст на понудата на „Rolex Certified Pre-Owned“ часовници на американскиот пазар.

Швајцарските производители зависни од американските потрошувачи

Резултатите исто така покажуваат колку швајцарските производители на часовници и нивните малопродажни партнери станале зависни од американските потрошувачи. Додека приходите во Обединетото Кралство и Европа пораснале за само 2%, на 436 милиони фунти (498,87 милиони евра), пазарот на САД оствари широко распространет раст низ сите брендови и ценовни категории, поттикнат од инвестиции во нови бутици, електронска трговија и интеграција на американскиот бренд за накит „Roberto Coin“.


Дафи изјавил дека тргувањето во втората половина од годината започнало добро и дека групацијата е „во добра позиција“ и „сигурна во силата“ на своето работење во пресрет на клучната празнична сезона. Тој додал дека раководството и понатаму „внимава на надворешното економско и геополитичко окружување“, иако компанијата објавува силни насоки за целата деловна година.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk