Иако Норвешка не е членка на ЕУ, оваа земја е позната по високите плати, уреденото општество и импресивната природа и и натаму е една од најпривлечните дестинации за доселеници.
Најновиот пример доаѓа од аквакултурната индустрија, сектор којшто во последниве години бележи постојан раст и неодстаток на работна сила.
Имено, компанијата „SalMar ASA“, еден од глобалните лидери во одгледување на атлантски лосос, распишала голем конкурс за работни места на своите фарми во областа Тренланг. Во местото Кверва кое се наоѓа на полуостровот Фосен, „SalMar“ бара 100 вработени за постојан работен однос. Станува збор за локација позната по развиената аквакултура, а Норвешка во целина останува најголемиот светски извозник на лосос, пишува „Fenix“.

Она што многумина ги привлекува е фактот што претходното работно искуство не е неопходно. Од кандидатите се очекува да имаат само основно познавање на англискиот или норвешкиот јазик, како и подготвеност за работа во производствениот процес.
Новите вработени ќе работат од понеделник до петок, извршувајќи пакување и контрола на квалитетот. Еден час ќе се плаќа 228,46 норвешки круни, односно околу 19,86 евра. Во неделниот фонд спаѓаат 36,5 часа, а се проценува дека месечната заработка би надминала 3.000 евра.
Платата би можела дополнително да биде зголемена благодарение на бонусите, а особено се издвојува додатокот од 20 отсто за попладневна смена. На работниците им е овозможено да користат оброк по симболична цена од две евра дневно. Рокот за пријава на конкурсот е 31 јануари 2026 година.

Без оглед на ладната клима, долгите зими и високите трошоци за живот, Норвешка последниве години бележи постојан пораст на бројот на странски работници и семејства кои одлучуваат таму да започнат нов живот. Причините се многубројни, а меѓу најзначајните се високиот животен стандард и социјалната безбедност. Образованието и здравствената заштита се достапни на сите, а системот на социјална заштита важи за еден од најстабилните во Европа.
Норвешка е позната како исклучително убава земја – фјордови, шуми, планини и поларна светлина, се дел од секојдневието кое малкумина остава рамнодушни.
За разлика од некои други европски земји, во Норвешка големо внимание се посветува на балансот меѓу работата и приватниот живот. Пократка работна недела, флексибилно работно време и исклучително великодушни родителски права, ја прават оваа земја особено привлечна за младите семејства.

Норвешка исто така се вбројува и меѓу најбезбедните земји на светот. Ниската стапка на криминал и политичка стабилност редовно ја сместуваат на самиот врв на светските ранг-листи на квалитет на живот.
Токму поради таа комбинација на сигурност, високи плати и стабилен начин на живот, интересирањето за работни места како овие на фармите за лосос постојано се зголемува, без оглед на ладните северни зими кои се карактеристични таму.