Совет на „AI“ милијардер (28) за тинејџерите.: Правете едно нешто и ве чека огромен успех

Супермен

03/02/2026

15:42

1.030

Големина на фонт

а а а

Тинејџерите кои сонуваат за профитабилни кариери во технолошкиот сектор треба да развиваат вештини од областа на вештачката интелигенција и тоа така што интензивно ќе ги користат сè побројните алатки што можат да генерираат програмски код, истакнал милијардерот и коосновач на компанијата „Scale AI“, Александар Ванг.

Според него, токму сега е клучниот момент за стекнување предност на пазарот на трудот. „Само треба да сфатите како да ги искористите тие алатки до максимум“, изјавил Ванг во епизода од поткастот „TBPN“.

На прашањето кој е неговиот најдобар совет за младите, одговорил дека е „невозможно доволно да се нагласи колку AI програмирањето променило сè“.


Што е „AI“ програмирање и што значи „vibe coding“

„AI“ програмирањето, често нарекувано и „vibe coding“, значи користење вештачка интелигенција за создавање оригинален софтверски код врз основа на едноставни инструкции. Апликации како „Replit“ и „Cursor“ им овозможуваат на корисниците да пишуваат код или дури да развиваат нови апликации и без претходно знаење од програмирање или компјутерско инженерство.

„Ова е на некој начин, неверојатен, пресвртнички момент во кој огромна предност ви дава тоа да поминете, да речеме, 10.000 часа играјќи си со алатките и учејќи да ги користите подобро од другите“, изјавил Ванг.


Тој ја основал „Scale AI“ во 2016 година и ѝ помогнал на компанијата да стане технолошки „еднорог“, неодамна проценет на 29 милијарди долари.

Споредба со раните денови на компјутерската револуција

Ванг го споредил денешниот момент на брз технолошки напредок со раните денови на компјутерската револуција, кога поединци како Бил Гејтс ја искористиле предноста од раното прифаќање на компјутерите и софтверот.

Коосновачот на Мајкрософт претходно раскажал како, во тинејџерските години, ноќе се искрадувал од дома за со часови да учи програмирање, благодарение на бесплатниот пристап до компјутери во една локална компанија во Сиетл.


Според мислењето на Ванг, денешните тинејџери треба да го следат примерот на Гејтс и да посветат што е можно повеќе време на учење како да ги користат алатките на вештачката интелигенција.

„Тој момент се случува токму сега и ако имате, да речеме, 13 години, треба целото време да го поминувате во ’vibe coding‘. Така треба да живеете“, истакнал тој.

Иднината на програмирањето со вештачка интелигенција

Богатството на Ванг, „Forbes“ го проценува на 3,2 милијарди долари, а во јуни минатата година Мета го ангажирала како главен директор за вештачка интелигенција.

И покрај успехот и самиот верува дека „буквално целиот код што некогаш го напишал во животот ќе може да го произведе некој AI модел во следните пет години“.


Идејата дека „AI“ програмите би можеле да ја реплицираат работата дури и на најдобрите програмери во светот веќе поттикнала загриженост околу иднината на програмирањето како кариера. Компаниите сè повеќе ги користат алатките со вештачка интелигенција за пишување код, а во некои случаи со нив и ги заменуваат човечките програмери.

Зошто и понатаму е важно да се учи програмирање?

Сепак, Ванг и други лидери во индустријата и понатаму ја истакнуваат вредноста од учење програмирање, особено ако тоа знаење се комбинира со разбирање на релевантни алатки со вештачка интелигенција што можат дополнително да ги унапредат вештините на поединецот.

„Како што програмирањето станува полесно, повеќе луѓе треба да програмираат, а не помалку“, напишал во март минатата година на „LinkedIn“, Ендру Нг, коосновач на истражувачката лабораторија „Google Brain“.


Тој додал дека „една од најважните вештини на иднината ќе биде способноста на компјутерот прецизно да му објасните што сакате тој да направи за вас“. Нг овој период го нарекол „најдоброто време досега за учење програмирање“, објаснувајќи дека работниците со силно програмерско знаење ќе можат поефикасно да ги користат алатките со вештачка интелигенција.

Тоа ги прави особено посакувани за работодавачите кои веќе бараат вработени со вештини од областа на вештачката интелигенција.

Иако секој може да користи алатки со вештачка интелигенција за генерирање код, претприемачите кои „го разбираат јазикот на софтверот благодарение на знаење од областа на програмирањето“ можат многу попрецизно да ѝ објаснат на вештачката интелигенција што точно сакаат таа да изгради, заклучил тој.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk