Стефан Живарш, француски фудбалер кој важеше за еден од најефикасните напаѓачи во Европа во 90-те години на минатиот век и кој го освои Светското првенство со Франција во 1998 година, откако се повлече од фудбалот заработува за живот како продавач на базени.
53-годишниот поранешен играч, кој ги закачи копачките на клин во 2002 година, го пренасочил својот живот како продавач на базени за „Tanguy Piscines Bretagne“, компанија на пријател во Конкарно (Франција).
„Со продажба на базени се занимавам 17 години. Шефот на компанијата е мој пријател, кој ми кажа дека размислувал да формира оддел за базени и барал претставник за продажба. Бидејќи тогаш бев невработен, му реков дека ќе му помогнам и 17 години подоцна, сè уште работам со него“, објаснил Живарш за „RMC“.
Францускиот напаѓач, за кого Њукасл плати 4,1 милиони евра на Оксер во 1998 година, признава дека води мирен живот.
„Не мора постојано да барам да бидам пред камера или микрофон за да постојам“, објаснил тој сликовито.
За неговиот начин на живот како продавач на базени, Стефан вели: „Патувам цел ден, сè оди многу добро, а ноќе се враќам дома“.
Живарш, кој одигра 14 натпревари за Франција, во текот на својата кариера играше за Брест, Генгамп, Оксер, Рен и Њукасл Јунајтед. По повлекувањето од професионалниот фудбал, во 2008 година дебитираше како тренер во францускиот аматерски тим УС Треган, а се појавуваше и како коментатор на „Canal Plus“.