Ниту Ангел на барокот, ниту Луд гладијатор: "Citroën DS" – Бесмртната Ајкула

Супермен

24/04/2025

13:32

1.180

Големина на фонт

а а а

Пред 50 години беше произведен последниот модел на „Ајкулата“. А кога "Citroën DS" првпат се појави на француските улици во 1955 година, светот на автомобилите засекогаш се промени.

„Влеговме на Шанзелизе и автомобилите почнаа да се запираат покрај нас. На сите од усните можеше да им се прочита како изговараат: "DS"!“, изјави конструкторот Пол Маже за медиумите по првото појавување на „Ајкулата“ во јавноста.

На француски, "DS" се изговара исто како зборот за „божица“ (déesse), поради што автомобилот доби божествен статус. Настанот за кој зборува Маже беше првото јавно претставување на најпознатиот модел на "Citroën", во рамки на отворањето на Саемот за автомобили во Париз, пишува "DW".

Историски ден: 8 октомври 1955

Токму тогаш, посетителите и новинарите речиси не обрнуваа внимание на ниту еден друг автомобил. До вечерта "Citroën" прими 12.000 нарачки за моделот "DS19", а до крајот на Саемот – дури 80.000!


Конкуренцијата не била за потценување … но

Иако имаше и други иновации и интересни модели, "Citroën DS" ги засени сите. "Peugeot" ја претстави успешната 403-ка, "Simca" се обиде да го редефинира луксузот со "Vedette", а "BMW" со моделот 501 се обидуваше да ги освои богатите со својата „барокна ангелска“ естетика.

Тука беше и "Gaylord Gladiator" – една од најексцентричните лимузини некогаш направени: американски луксуз спакуван во германско производство, со амбиции да комбинира брзина на "Ferrari" и елеганција на "Rolls-Royce". Но – безуспешно. „Ајкулата“ ги надмина сите.

Технолошка револуција

"DS" беше технолошко чудо: хидропнеуматско потпирање – изум на техничкиот самоук Пол Маже – кое автоматски го регулираше нивото на возилото без разлика на товарот, и можеше да го спушти автомобилот за подобра аеродинамика.

Тука беа и полуавтоматски менувач, сервоволан, каросерија со панели што се отстрануваат, гумено копче за кочење наместо педала … И тоа е само почеток.


Тим од соништата: Бертон – Лефевр – Маже

Футуристичкиот дизајн беше дело на Фламинио Бертон: без класична решетка на моторот, издолжени линии како капка, затворени задни тркала, трепкачи вградени во завршетокот на покривот – сè ново, сè свежо.

И внатре – волан со еден крак, дизајниран да се скрши при судар и да го заштити возачот. Другите технички иновации беа дело на инженерот Андре Лефевр, кој стои и зад многу други "Citroën" класици.

Легенда родена под оган

Автомобилот стана симбол на напредокот и француската елеганција. Возен од директори, уметници, тркачи, па дури и користен за превоз на покојници. "DS" покажа и дека може да се вози со три тркала – како при обидот за атентат врз претседателот Де Гол во 1961 година, кога две гуми беа пробиени, но возачот успеа да избега.


„Магичен објект“ на еден народ

Францускиот филозоф Ролан Барт уште во 1957 година го нарече "DS" „хуманизирана уметност“ и „модерен еквивалент на големите готски катедрали“, присвоен од народот како нешто магично.

"DS" се произведуваше до 24 април 1975 година. Последниот од вкупно 1.330.755 примероци. Создавањето на наследник беше тешка мисија – но успешна.

Наследство што трае

Иако не директен наследник, моделот "CX" со уникатниот дизајн на Жан Жир се покажа како достоен продолжувач, избран за Светски автомобил на годината 1975, и се произведуваше до 1991.

А "DS" и денес живее – на улиците, ретко, благодарение на ентузијасти и реставратори. Во Германија се проценува дека има 1.000 до 2.000 "DS" во возна состојба, плус неколку стотини во складишта – чекајќи нов живот.

Но вистината е: "DS" одамна стана бесмртен.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk