И покрај бројните планови за штедење, "Volkswagen" сè уште не успева значајно да ја зголеми добивката.
Групацијата "Volkswagen" во првиот квартал од оваа година забележа значителен пад на нето-добивката – дури 40,6 проценти, со што добивката се намали на 2,18 милијарди евра. Иако на прв поглед би се помислило дека причината за ова е намалување на продажбата, податоците покажуваат спротивно: продажбата оваа година дури и пораснала за 1,4% и достигнала 2,13 милиони возила.
Иако растот на побарувачката обично значи и подобри деловни резултати, во овој случај ситуацијата е парадоксална. Имено, порастот на продажбата доаѓа на сметка на електричните возила, кои очигледно носат помал профит за "Volkswagen". Електрификацијата е скапа, а оперативната маржа на групацијата паднала од 6% на само 3,7%.
Финансискиот и оперативен директор на "VW" Групацијата, Арно Антлиц, отворено призна дека успехот на електричните модели доаѓа по висока цена:
„Овој пазарен успех на нашите електрични автомобили врши притисок врз нашите резултати. Оперативна маржа од околу четири проценти јасно покажува дека нè чека уште многу работа.“
Тој додаде дека е клучно да се намалат трошоците за производство и да се зголеми профитабилноста на електричните возила, особено во контекст на глобалната економска нестабилност.
Веќе во 2023 година, Антлиц најави дека електричните и бензинските/дизел моделите би можеле да достигнат еднаква профитабилност до 2025 година, но сега тој рок е поместен за 2026 година. Клучна улога во тоа ќе имаат новите модели како "ID. 2" и неговата кросовер варијанта, кои треба да парираат на популарноста и заработката на моделот "T-Cross". Се очекуваат и нивни верзии под брендовите "Cupra" и "Škoda", сите во ценовен опсег од околу 25.000 евра. Поевтин модел "ID. 1" се планира за 2027 година, со целна цена од 20.000 евра.
Во Европа, продажбата на електрични модели од "VW" Групацијата во првиот квартал се повеќе од удвоила (+113%), додека во САД е забележан раст од 51%. Секое десетто испорачано возило во светот било електрично, а во Западна Европа нарачките на електрични модели пораснале за 64% во однос на истиот период лани. Електричните автомобили сега сочинуваат над 20% од сите нарачки во тој дел од Европа, а "Volkswagen" со пазарен удел од 26% е лидер на пазарот на електрични возила.
Најпродавани електрични модели на "VW" Групацијата во 2025 година:
• "VW ID. 4/ID.5" – 43.700 единици
• "VW ID. 3" – 28.100 единици
• "Audi Q4 E-Tron/Q4 Sportback" – 22.800 единици
• "Škoda Enyaq/Enyaq Coupe" – 20.200 единици
• "VW ID. 7/ID. 7 Tourer" – 19.100 единици
• "Audi Q6 E-Tron/Q6 Sportback" – 16.000 единици
• "Porsche Macan (EV)" – 14.200 единици
• "VW ID. Buzz/Cargo" – 12.700 единици
• "Cupra Born" – 11.000 единици
• "Cupra Tavascan" – 7.600 единици