Креатин и Алцхајмер? Научниците откриja интересни резултати

Точка

26/05/2025

20:04

1.385

Големина на фонт

а а а

Иако креатинот најчесто се споменува во контекст на спортот и градењето мускули, сè поголем број истражувања покажуваат дека тој би можел да има и други корисни ефекти – вклучувајќи подобрување на расположението, борба против мозочната магла и како што сугерира новото истражување, евентуално ублажување на симптомите на Алцхајмеровата болест.

Станува збор за мала пилот-студија, што значи дека се работи за еден вид тестирање на помала група луѓе, но резултатите се сепак доволно интересни за да отворат врата за понатамошни испитувања. Истражувачите сакале да видат дали креатинот може безбедно да се користи кај луѓе со Алцхајмерова болест и дали има некаков ефект врз нивните когнитивни способности.

Што покажале резултатите?

Студијата, објавена во списанието „Alzheimer’s & Dementia Translational Research & Clinical Interventions“, испитувала дали 20 грама креатин монохидрат дневно (најистражуваната форма на креатин) во текот на осум недели би можел да има ефект врз луѓето со дијагностицирана Алцхајмерова болест.

Учесниците редовно земале креатин, а научниците ги мереле нивоата на креатин во нивната крв и мозок на почетокот, по четири и осум недели. Покрај тоа, тие ги тестирале и нивните когнитивни способности.

Резултатите покажале дека кај 19 од 20 учесници кои редовно земале креатит, нивото на креатин во крвта се зголемило, а во мозокот се зголемило за 11 проценти. Што е уште поважно, учесниците покажале подобрувања на тестовите за внимание, читање, време на реакција и ментално сортирање.

Научниците истакнуваат дека ова претставува „првичен доказ“ кој покажува дека креатинот може да има позитивен ефект и дека се потребни понатамошни истражувања.

„Неодамна, некои студии кај глувци покажаа дека креатинот може да биде корисен кај модели на Алцхајмерова болест“, изјави коавторот на студијата, д-р Метју Тејлор, експерт за исхрана на мозокот на Универзитетот во Канзас. „Пред ова истражување немаше клинички испитувања кај луѓе, па затоа решивме да започнеме едно“, додаде тој.

Зошто креатинот би можел да им помогне на лицата со Алцхајмерова болест?

Иако оваа студија не се занимавала детално со ова, постојат одредени претпоставки. Имено, мозокот троши голема количина на енергија, а кај Алцхајмеровата болест, доаѓа до пад на митохондријалната функција и производството на енергија.

„Креатинот помага во транспортот на енергија во клетката, а дополнителниот внес може да ги стимулира митохондрите да произведуваат повеќе енергија“, објасни Тејлор. Тој исто така додаде дека креатинот потенцијално може да го намали воспалението и оксидативниот стрес во телото – фактори за кои се верува дека играат улога во развојот на симптомите на Алцхајмерова болест.

Дали пациентите со Алцхајмерова болест треба да почнат да земаат креатин?

Сè уште не. Експертите предупредуваат дека ова се првични резултати и не треба да се сфатат како препорака за секојдневна употреба.

„Не би советувал земање креатин со цел подобрување на когницијата“, изјави неврологот д-р. Амит Сачдев од Државниот универзитет во Мичиген. „Сè уште немаме доволно цврсти докази за да ја поддржиме таквата употреба“.

Неврологот Клифорд Сегил од Калифорнија упати сличен совет: „Креатинот сè уште не е широко прифатен додаток за здравјето на мозокот“, истакна тој,

Д-р Тејлор, исто така, ја нагласи важноста на претпазливоста. „Нашето истражување е далеку од дефинитивен одговор. Потребни се добро дизајнирани клинички испитувања со плацебо. Дотогаш, препорачувам луѓето со Алцхајмерова болест и нивните семејства да се консултираат со својот невролог пред да земат какви било додатоци во исхраната“, истакна лекарот.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk