Австралиската инфлуенсерка Ариела Ниса стекна милиони следбеници со своите искрени објави на кои го прикажува своето тело без филтери и разубавувања, промовирајќи го прифаќањето на сопствената автентичност.
Преку стриите, целулитот и опуштената кожа, таа испраќа моќна порака дека самодовербата доаѓа од самоприфаќањето, а не од „совршениот“ изглед.
Во светот на Инстаграм, во кој доминираат фотографии со филтери и нереални стандарди за убавина, Ариела внесува освежителна доза на реалност.
Повеќе од 876 илјади луѓе ја следат на Инстаграм, додека 1,7 милиони ја следат на ТикТок – и сите тие секојдневно имаат можност да видат како Ниса гордо ги покажува своите стрии, целулитот, опуштената кожа и сè друго што особено жените се обидуваат да го скријат.
„Моето тело се менува секој ден. И тоа е во ред. Не мора да се менувате поради никого, убави сте токму такви какви што сте“, рече таа во една од своите објави.
Ниса нагласува дека вистинската самодоверба не доаѓа од тоа да имаш „идеално тело“, туку од тоа да се прифатиш себеси. Поради оваа порака таа стана една од најпрепознатливите фигури на „body positivity“ движењето, кое ја слави автентичноста и различноста на женските тела.
Нејзините објави редовно ги инспирираат жените ширум светот кои ѝ пишуваат за тоа колку им значи да видат вистински тела, особено во време кога социјалните мрежи се преполни со нереални стандарди.
Иако гордо ги покажува своите несовршености, Ариела не ги крие ниту своите внатрешни борби – таа често отворено зборува за своето ментално здравје и несигурностите што морала да ги надмине, што ја прави нејзината порака уште подлабока и поважна.