На влажните патишта во Австрија неодамна се случила несреќа во која учествувал исклучително редок и скап „Porsche Carrera GT“. За среќа, во несреќата никој не бил повреден, но извлекувањето на суперавтомобилот, чија вредност се проценува на најмалку 1,7 милиони евра, се претворило во вистинска драма.
Како што известува „ORF Salzburg“, возачот од Сингапур ја изгубил контролата над својот „Porsche Carrera GT“ со 612 коњски сили на познатата панорамска патека „Postalmstraße“. Автомобилот излетал низ падина и останал заглавен помеѓу неколку дрвја. Иако официјални информации за причината за несреќата уште нема, се претпоставува дека лошите временски услови играле клучна улога.
„Carrera GT“, со својот моќен мотор и погон на задните тркала, е познат како автомобил кој не простува грешки. Од современи системи за помош, е опремен само со „ABS“ и систем за контрола на лизгање, што значи дека бара искусна рака на управувачот и исклучително чувство за педалата на гас – особено на влажен пат. Се чини дека возачот ја научил оваа лекција на тежок начин.
Фотографиите од местото на несреќата, кои ги објави Доброволното пожарно друштво Стробл, ги откриваат размерите на штетата. Иако возачот и совозачот поминале без повреди, автомобилот претрпел големи оштетувања. Судејќи по сè, „Porsche“-то лизгало низ падината со задниот дел, при што удрило во дрвјата. Уништени се задниот браник, откината е страничната страна, а оштетен е и активниот задни спојлер. Веќе на прв поглед е јасно дека поправката ќе чини стотици илјади евра.
Самото извлекување на возилото било исклучително тешка задача која била доверена на специјализирана компанија. За да пристапат до автомобилот, спасувачите морале да исечат неколку дрва и да ги отстранат корените. Целата операција траела дури три и пол часа.
Она што ја прави оваа несреќа уште попривлечна е фактот дека се работи за исклучително редок примерок. Уништениот „Carrera GT“ е еден од само 89 автомобили произведени во посебната боја „Fayencegelb“ (фајанс жолта), именувана по едно француско село.
Додека вредноста на „обичните“ модели на „Carrera GT“, кои се произведени само 1270, се движи околу 1,5 милиони евра, ваков редок примерок се проценува на помеѓу 1,7 и 2 милиони евра. Поради тоа не е чудо што поправката, и покрај големата штета, се смета за многу исплатлива.
Интересно е што автомобилот бил регистриран во германскиот Хајлброн, а се претпоставува дека бил дел од туристичка тура со други егзотични „Porsche“ автомобили како моделите „918 Spyder“ и „GT2 RS“, кои исто така биле забележани во регионот, но оваа информација не е официјално потврдена. Останува надежта дека сопственикот следниот пат, посебно кога врне дожд, ќе биде многу повнимателен.
🚒🚒 Fahrzeugbergung am 11.07.2025 🚒🚒
Am 11.07.2025 wurde die FF Strobl um 11:25 Uhr auf die Postalmstraße alarmiert....
Posted by Feuerwehr Strobl on Friday 11 July 2025