Биле гордост на Титова Југославија, но завршиле, како и поранешната држава – неславно

Супермен

30/10/2025

14:30

1.096

Големина на фонт

а а а

Поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ), позната и како Титова Југославија, постоела од 1943 до 1992 година и ја опфаќала територијата на денешните држави Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово и Македонија.

Југославија била и дом на индустриски гиганти кои вработувале десетици илјади работници и остварувале значаен извоз ширум светот, носејќи ѝ на земјата девизни приходи и углед на меѓународниот пазар.

По распадот на државата и брановите на приватизација, многу од тие поранешни индустриски лидери исчезнаа. Ова се петте најголеми компании кои ја обележаа индустриската моќ на поранешна Југославија, пренесува Dnevnik.hr.

1. Кралевите на бродоградбата

Бродоградилиштата во Сплит, Риека и Пула биле симбол на југословенската индустриска гордост. Тие произведувале патнички, товарни и специјални бродови за извоз во САД, Западна Европа и земјите од Блискиот Исток.


Во поединечни бродоградилишта работеле и до 30.000 луѓе, а поседувале докови, монтажни хали и машински постројки.

Крахот настапил кон крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите поради високите трошоци на производство, застарената технологија и конкуренцијата од Азија.

2. Раде Кончар – електро и енергетски див

Загрепската компанија „Раде Кончар“ била лидер во производството на електрични уреди, трансформатори и индустриска опрема.

Со 10.000 до 15.000 вработени, поседувала истражувачки центри и широка дистрибутивна мрежа.

Нејзините производи се извезувале низ цела Европа, во Советскиот Сојуз и на Блискиот Исток.


Падот на компанијата настапил со отворањето на пазарот во деведесеттите години и неуспешната приватизација, која не успеала да го задржи поранешниот обем на работење.

3. Енергоинвест – енергетскиот лидер на Сараево

Сараевскиот гигант Енергоинвест бил еден од најголемите извозници и инженерски изведувачи во Африка, на Блискиот Исток и во Советскиот Сојуз.

Вработувал до 25.000 работници и се занимавал со изградба на енергетски и инфраструктурни проекти.


Воениот конфликт во Босна и Херцеговина (1992–1995) ги уништил производствените погони и пазарите, што довело до расцепување на компанијата на помали делови.

4. ИМТ – симболот на југословенското земјоделство

Индустријата на машини и трактори (ИМТ) од Белград била гордоста на земјоделскиот сектор.

Произведувала трактори, земјоделски машини и опрема, а вработувала и до 15.000 луѓе.


ИМТ со децении бил синоним за сигурност и извоз, но со текот на времето го уништиле застарената технологија, неефикасното управување и неуспешната приватизација за време на 2000-тите години.

5. Првомајска – текстилен гигант

Загрепската Првомајска била позната по производството на конфекција, одела и униформи кои се извезувале во Западна Европа и САД.

Во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години, вработувала помеѓу 15.000 и 20.000 работници, а имала и сопствени дизајнерски студија и продажни салони.


Отворањето на пазарот и поевтината азијска конкуренција во деведесеттите довеле до нејзино ослабување и конечно згаснување.

Иако овие индустриски гиганти исчезнаа, нивните имиња и понатаму будат носталгија за времето кога индустриското производство беше столб на југословенската економија, а фабриките беа симбол на сила, гордост и заедништво на една земја која повеќе не постои.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk