О.Џ. Симпсон, роден на 9 јули 1947 година, почина на 10 април 2024 година. Неговата животна приказна останува една од најконтроверзните во американската историја, обележана не само со успехот во американскиот фудбал, туку и со судскиот процес што го шокираше светот.
Откако стана НФЛ легенда, Симпсон се најде во центарот на медиумското внимание поради обвиненијата за убиство на својата поранешна сопруга Никол Браун Симпсон и нејзиниот пријател Роналд Голдман во 1994 година. Иако во 1995 година беше ослободен од обвиненијата, неговиот живот надвор од спортот засекогаш беше обележан од оваа трагедија, која стана симбол на американскиот правосуден систем и медиумски спектакл.
Поранешниот фудбалер и актер ја избегна затворската казна кога беше прогласен за невин за смртта на поранешната сопруга Никол и Рон Голдман, кои беа избодени до смрт во Лос Анџелес во 1994 година. Сепак, Симпсон подоцна отслужи девет години затвор во Невада, откако во 2008 година беше осуден по 12 точки од обвинението за вооружен грабеж и киднапирање на двајца трговци со спортски сувенири, под закана со оружје, во хотел во Лас Вегас.
Беше еден од најдобрите и најпопуларните спортисти во доцните шеесетти и седумдесетти години од минатиот век. По извонредната НФЛ кариера со Бафало Билс и Сан Франциско Фортинајнерс, беше вклучен во Куќата на славните на професионалниот фудбал, иако никогаш не го освои Супербоул.
Фудбалската слава ја искористи за да направи кариера како спортски коментатор и холивудски актер. Настапи и во популарната филмска серија „Гол пиштол“.
Но, сè се промени откако на 12 јуни 1994 година, пред нејзиниот дом во Лос Анџелес, беа пронајдени мртви, избодени до смрт, неговата поранешна сопруга Никол и Голдман. Следеше едно од најозлогласените судења на 20. век во Америка, кое го следеа сите медиуми.
Процесот за медиумите беше вистинска „златна кокошка“: богат и славен обвинет, Афроамериканец обвинет за убиство на својата поранешна сопруга – белка, семејно насилство, елитен тим на скапи и харизматични адвокати, и голем гаф на обвинителството.
Адвокатскиот тим на Симпсон често ги надмудруваше обвинителите. Тие направија голема грешка кога му наредија на Симпсон да проба пар крвави ракавици пронајдени на местото на убиството, уверени дека ќе му прилегаат совршено и ќе докажат дека тој е убиецот.
Во многу театарски настап, Симпсон се мачеше да ги стави ракавиците и им покажа на поротниците дека не му одговараат. Адвокатот Џони Кокран, во своите завршни зборови, ја изговори познатата реченица: „If it doesn’t fit, you must acquit“ (Ако не одговара, мора да го ослободите). Адвокатот Алан Дершовиц подоцна ја нарече оваа одлука на обвинителството „најголема правна грешка на 20. век“.
Симпсон, кој на почетокот на судењето се изјасни дека е „апсолутно 100% невин“, на 3 октомври 1995 година им мавна на поротниците и им се заблагодари откако беше ослободен од вина од страна на порота претежно составена од Афроамериканци – десет жени и двајца мажи. Денес, мнозинството верува дека Симпсон сепак бил виновен.
Наводно, дури и тогашниот претседател Бил Клинтон го напуштил Овалниот кабинет за да ја погледне пресудата на телевизорот на својата секретарка. Многу Афроамериканци ја славеа ослободителната пресуда, гледајќи во Симпсон жртва на расистичката бела полиција. Од друга страна, многу бели Американци беа згрозени од одлуката.
На 3 октомври 2008 година, точно 13 години по ослободувањето за убиството, поротата во Лас Вегас го прогласи за виновен за киднапирање и вооружен грабеж. Случајот се однесуваше на инцидент од 2007 година, кога Симпсон со петмина мажи (најмалку двајца вооружени) украле спортски сувенири вредни илјадници долари од двајца дилери во хотелско казино.
Симпсон тврдеше дека само се обидувал да си ја врати својата сопственост, но поротата го осуди на 33 години затвор. Во 2017 година беше пуштен на условна слобода и се пресели во затворено населено место во Лас Вегас. Во 2021 година доби предвремен условен отпуст поради добро однесување. Тогаш имаше 74 години.
Неговата животна приказна беше прикажана во оскаровскиот документарец „O.J.: Made in America“ од 2016 година и низ неколку телевизиски драматизации.
Во 2006 година, Симпсон соработуваше на книгата „If I Did It“ („Ако јас го сторив тоа“), во која хипотетички опишуваше како би ги извршил убиствата. Иако книгата не беше директно признание, многумина ја сметаа за имплицитно признание.
Во интервју од 2006 година, кое беше емитувано дури во 2018 под наслов „O.J. Simpson: The Lost Confession?“, Симпсон хипотетички, но во прво лице, опишуваше детали од злосторството — што многумина го протолкуваа како скриено признание.
По неговата смрт во април 2024 година, поранешниот телохранител Ирок Авели тврдел дека поседува снимка на која Симпсон признава убиство. Сепак, полицијата при претресот пронашла само монолози на самиот Авели – без докази за признание.
И покрај сите наводи и шпекулации, Симпсон никогаш јавно или официјално не ја призна вината за убиствата на Никол Браун Симпсон и Рон Голдман.