Производителите на автомобили задржуваат илјадници возила на американските пристаништа и привремено ги запираат пратките, настојувајќи да ги ублажат ефектите од ескалацијата на трговската војна на претседателот Доналд Трамп.
Како што дознава „Financial Times“, сè повеќе компании го одложуваат влезот на своите автомобили на американскиот пазар. Тројца соговорници од секторот логистика и автомобилска индустрија тврдат дека ситуацијата станува хаотична.
„Капацитетите на пристаништата се пополнуваат. Доколку вака продолжи, би можеле да имаме сериозен проблем за неколку недели“, вели еден менаџер за логистика.
„Audi“, „Jaguar Land Rover“ и „Aston Martin“ се меѓу марките кои привремено ги запреа или значително ги намалија испораките во САД за април, сметајќи на постојните залихи како доволни за да се премости овој период на неизвесност.
Пристаништето Бремерхавен во Германија, еден од најголемите терминали за извоз на автомобили во светот, очекува сообраќајот кон и од САД да се намали до 50 проценти. Овој пазар опфаќа речиси една третина од вкупниот автомобилски сообраќај низ тоа пристаниште.
„И ние ќе ги почувствуваме последиците“, потврди Матијас Магнор, директор на „BLG Logistics“, која управува со пристаништето.
И покрај паниката, повеќето производители се уште се надеваат дека царините на Трамп нема да траат долго. Многумина се одлучија за тактика „пауза и чекање“, привремено суспендирајќи ја испораката на возила од европските фабрики додека не се разјасни ситуацијата.
„Тоа е главната стратегија во моментов“, вели еден експерт за логистика.
„Сите чекаат да видат дали ќе има некаков компромис меѓу САД и нивните трговски партнери.
Задржувањето возила во пристаништата е исклучително скапо, па затоа производителите бараат алтернативни решенија, како што е преместување на стоката во складишта, каде што може привремено да се складира без плаќање царина. Според експертите за синџирот на снабдување, некои возила од канадско производство кои патувале со железница во моментов се заглавени во Детроит на местото на влез во САД, пишува „Financial Times“.
Трамп минатата недела воведе царини од 25 отсто за сите увезени автомобили, додека автоделовите ќе паднат под истата стапка почнувајќи од 3 мај, освен за Мексико и Канада, кои имаат делумни исклучоци. Дополнителна конфузија создава тоа што производителите сè уште не знаат точно како ќе се применуваат царините, како и што воопшто се смета за дел од автомобилот.
„Дали е моторот како целина или секој штраф е посебен дел?“, прашува функционер од германската автомобилска индустрија.
Според американските правила, автомобилите што ги исполнуваат барањата на договорот за слободна трговија меѓу САД и Мексико и Канада (USMCA) остануваат ослободени од тарифите, но царината од 25% привремено се применува на сите возила додека не се утврди точниот дел од странските компоненти.
Затоа производителите сега се обидуваат детално да го мапираат потеклото на секој поединечен дел од нивните возила, што е исклучително сложена и одзема време задача со оглед на глобално разгранетите синџири на снабдување во автомобилската индустрија.
„Засега логистиката е краткорочна тактика. Сè уште никој не носи долгорочни одлуки за производството - има премногу непознати за тоа колку долго ќе трае ова и дали другите земји ќе одговорат со контрамерки“, заклучи висок функционер од германската автомобилска индустрија.