Поради коцкарски долгови, фудбалер на Јувентус западнал во сериозни проблеми.
Фудбалерот на „Јувентус“ кој игра на позајмица во „Фиорентина“, Николо Фаџоли (24), кој е вмешан во скандал со онлајн обложување, ѝ открил на полицијата зошто се впуштил во криминални активности.
Да потсетиме, голем обложувачки скандал го тресе италијанскиот фудбал, а покрај Николо Фаџоли, во недозволено онлајн обложување се вмешани и репрезентативците на Италија – Сандро Тонали и Николо Заниоло. Фаџоли се соочува со казна од една година суспензија од фудбал.
Случајот доби нова димензија откако Николо призна дека и Душан Влаховиќ му позајмил 100.000 евра.
Фаџоли сè признал пред суд. Открил дека неговите долгови достигнале околу 3.000.000 евра, иако годишно заработува околу 1.800.000 евра во „Јувентус“.
„Најлошиот период ми беше помеѓу март и април оваа година. Бев под толкав стрес и толку исплашен што за време на натпреварот меѓу „Сасуоло“ и „Јувентус“ направив грешка, по што бев заменет. Штом излегов од теренот, почнав да плачам пред камерите, размислувајќи за моите долгови поврзани со коцкањето. Престанав да се обложувам, не сакам никогаш повеќе да го правам тоа“, изјавил Фаџоли во полиција.
Иако има пазарна вредност од 35.000.000 евра, Фаџоли вели:
„Сакам да нагласам дека имам намера да го вратам секој цент што сум го позајмил од пријателите. Тие не знаеја зошто навистина барав пари. Им велев дека ми требаат за часовник и дека мајка ми мѝ ги блокирала сметките, но всушност ми требаа за да ги платам долговите од коцкањето. Некои пријатели ми дадоа 40.000 евра.
Открил и детали:
– Федерико Гати (соиграч од „Јувентус“) ми позајми пари што сè уште не сум ги вратил. Зедов пари и од Раду Драгушин (играч на „Џенова“) и од некои пријатели од Пјаченца. Никогаш не сум зборувал за моето обложување со управата, играчите или тренерите на „Јувентус“ – на никого не му верував. Исто така, никогаш не сум се обложувал на „Јувентус“ или „Кремонезе“, каде што претходно играв.
Фаџоли открил и колкав е долгот:
„Во септември 2022 веќе имав натрупано долг од 250.000 евра и започнаа притисоци од сопствениците на илегалните обложувалници да го вратам долгот. Купував скапи часовници во златарници и им ги носев – изјавил, па продолжил:
“Не спиев навечер. Како што минуваше времето, долгот сè повеќе ме прогонуваше. Сумата што требаше да ја вратам постојано растеше. Ми велеа дека ќе ми ги скршат нозете. Се обложував на фудбал и тенис. Почнав во летото 2021. Не прашував дали тие обложувалници се легални или не – беше забавно. Од јануари 2022 веќе бев под огромен стрес поради долговите.
Открил и кој го вовел во светот на обложувањето:
„Прво почнуваш да се обложуваш бидејќи имаш многу слободно време. Тренираш наутро, а потоа се обложуваш за да ја убиеш досадата. Сандро Тонали ми предложи да играм на една илегална обложувалница. Го видов како игра и го прашав што прави. Ми рече дека можам и јас, бидејќи нема траги од обложување. Ме натера да се регистрирам на таа платформа. Прво се обложувавме на тенис, па потоа на фудбал“, изјавил Фаџоли, плачејќи пред судот.
Да потсетиме, Николо Фаџоли неодамна призна дека се обложувал на фудбалски натпревари. Во Италија, на спортистите им е забрането да се обложуваат на натпревари што се одржуваат под организација на Фудбалската федерација на Италија, УЕФА и ФИФА, и забрането им е директно или индиректно да уплаќаат облози.