Следната година пристигнува нов уред од "Apple" кој треба да го замени "iPhone"

Супермен

26/05/2025

11:01

931

Големина на фонт

а а а

Познато е дека "Apple" веќе извесен период развива ваков уред, а сега конечно се знае и кога би можел да се појави на пазарот.

Дел од технолошките експерти веруваат дека паметните очила во иднина би можеле целосно да ги заменат мобилните телефони. Иако тоа денес звучи речиси невозможно – бидејќи животот без смартфон е незамислив – големите компании веќе се подготвуваат за таква иднина, со години инвестирајќи во уреди за виртуелна и проширена реалност и паметни очила.

Една од тие компании е и "Apple". Треба да се потсетиме на неодамнешната изјава на еден од директорите на компанијата, Еди Кју, кој изјави дека "iPhone" би можел да стане ирелевантен производ за десет години. Ако навистина дојде до тоа, Тим Кук и неговиот тим сакаат да бидат сигурни дека "Apple" ќе биде присутен – и доминантен – во новата ера на уреди што ќе ги заменат смартфоните.

По претставувањето на уредот за виртуелна и проширена реалност "Vision Pro", кој се покажа како прилично неуспешен, компанијата го пренасочи фокусот кон паметните очила. Се зборува за нив веќе долго време, а според најновите информации кои протекоа на интернет, нивното официјално претставување може да се очекува на крајот од следната година. Поточно, на пазарот би требало да се појават пред празничната шопинг-сезона во 2026 година, па веројатно ќе бидат на самиот врв на листата на подароци за многу обожаватели на "Apple" за Божиќ.


Крајната цел – "AR" очила

Информациите кои се појавија минатата недела укажуваат дека паметните очила на "Apple" (за кои сè уште не е познато како ќе се викаат) ќе имаат камери, микрофон и звучници, а ќе се контролираат гласовно преку асистентот "Siri", односно новата платформа "Apple Intelligence". Преку очилата ќе може да се вршат повици, да се фотографира и снима видео, како и да се добиваат навигациски упатства во реално време.

Според вработен во "Apple" кој разговарал со новинари на "Bloomberg", но сакал да остане анонимен, очилата се слични на оние од "Meta", но подобри. "Meta" своите очила ги разви во соработка со "Ray-Ban", и ги продава по цена од 299 долари. За цената на "Apple" очилата сè уште не се знае ништо, но очекувањата се дека ќе бидат значително поскапи.


Моделот кој треба да биде претставен следната година ќе биде само прв чекор кон крајната визија на "Apple" – очила со проширена реалност (AR). Кај тие модели, на малиот екран вграден во очилата ќе се прикажува виртуелна содржина што се надоврзува на реалниот свет – на пример, ако се користи навигација, на екранот ќе се појави стрелка што укажува точно во која улица да свртите, и тоа не на виртуелна мапа, туку во реалната околина.

"Apple" наскоро ќе ја одржи својата годишна конференција за развивачи (WWDC), но таму не се очекуваат нови информации за паметните очила – фокусот ќе биде на софтверот, апликациите и развојните алатки. Првите официјални детали за очилата се очекуваат дури следната година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk