"Apple" го менува изгледот на сите свои оперативни системи и го подготвува теренот за „стаклениот“ "iPhone" што ќе пристигне во 2027 година.
На претстојната "Apple" конференција за развивачи (WWDC), компанијата ќе ја открие најголемата дизајнерска промена на софтверот од времето на "iOS 7": нов интерфејс наречен "Liquid Glass", дизајниран како дел од поширокиот визуелен идентитет кој ќе го обедини целиот "Apple" екосистем. Овој стилски пресврт има и симболично значење — тој е почеток на трансформација што ќе кулминира во 2027 година со лансирањето на јубилејниот "iPhone" по повод 20-годишнината од оригиналниот модел.
"Liquid Glass" носи дизајн со висока транспарентност, рефлексии и сјајни ефекти кои потсетуваат на заоблени стаклени површини. Ќе биде имплементиран низ целиот "Apple" екосистем: "iOS", "iPadOS", "watchOS", "visionOS", "macOS", "tvOS" и "CarPlay" — сите ќе добијат нов, унифициран визуелен идентитет.
Промените ќе опфатат сè: од алатни ленти, менија и копчиња до анимации. Новиот изглед е визуелно побогат, но прецизно обликуван за да не ја наруши прегледноста и употребливоста.
"Apple" веќе интерно развива нов модел на "iPhone" со кодно име "Glasswing", инспириран од проѕирните крилја на пеперутка. Уредот што треба да дебитира во 2027 година ќе има:
• Заоблено стакло кое ја покрива целата површина
• Речиси невидливи рабови
• Континуиран екран без „notch“ или отвори
Јубилејниот "iPhone" ќе ја отелотвори филозофијата на "Liquid Glass" – и однадвор и одвнатре.
"Liquid Glass" не значи враќање на старите "skeuomorph" дизајни, како што беше апликацијата "Notes" во форма на тефтер. Наместо тоа, "Apple" користи современи материјални метафори – не за да имитира предмети од минатото, туку за преку стаклени и светлосни ефекти изрази префинетост и длабочина.
Иако новиот дизајн несомнено ќе го привлече вниманието по "WWDC", "Apple" всушност со "Liquid Glass" се обидува да го оттргне фокусот од своето заостанување во областа на вештачката интелигенција. Компанијата сè уште се обидува да го стигне чекорот со решенијата од "OpenAI" и "Google". Иако "Apple" нуди стабилни оперативни системи и додава „хибридни“ AI функции (Apple Intelligence), сè уште нема сопствено моќно "AI" решение, пишува "Bloomberg".
"Liquid Glass" е многу повеќе од обично визуелно освежување — тоа е сигнал дека "Apple" сериозно планира нова хардверска револуција, почнувајќи од моделот "iPhone 2027".
Во меѓувреме, "Apple" се обидува да ја задржи вниманието на корисниците и развивачите преку естетски иновации, додека сè уште го бара своето цврсто упориште во "AI" трката. "WWDC 2025" ќе биде почеток на новата „стаклена ера“ за "Apple".