[ФОТО] Новиот "Renault 5" е хит

Супермен

22/07/2025

15:29

1.063

Големина на фонт

а а а

Новиот електричен "Renault 5" стана вистински пазарен феномен, особено во привлекувањето на купувачи кои досега не возеле автомобили од оваа француска марка. Популарниот супермини стана најпродаван електричен автомобил меѓу приватните купувачи во Велика Британија, со што "Renault" се искачи на второто место на вкупната ранг-листа на продажба.

Неверојатна привлечност за нови купувачи

Податоците се импресивни: дури 84% од купувачите на новиот "Renault 5" за прв пат ја избрале оваа марка, што претставува една од највисоките стапки на освојување нови купувачи во историјата на компанијата. Неодамнешно истражување на речиси 1.900 купувачи во Велика Британија покажа дека мнозинството од нив преминаа од конкурентски модели. Така, 4,4% од поранешните сопственици на "Fiat 500", 3,8% од "Ford Fiesta" и 3,4% од "Mini Cooper" одлучија да го заменат својот стар автомобил со новата „петка“.


Тајната е во дизајнот и емоциите

Иако најчестите замени доаѓаат од истата класа на супермини, Адам Вуд, директор на "Renault" за Велика Британија, истакнува дека нема јасен тренд за тоа кои се купувачите. „Тие доаѓаат од премиум "SUV" возила, помали автомобили и разни други марки. За некои, ’петката‘ е втор автомобил во семејството, а за други е примарен“, објаснува Вуд.

Како клучен фактор за привлечност, тој го наведува ретро-футуристичкиот дизајн. „Клучната работа кај ’петката‘ е враќањето на магијата. Луѓето го гледаат автомобилот и, без разлика дали се сеќаваат на оригиналот, препознаваат одличен дизајн што им предизвикува насмевка на лицето. Емоциите се огромен дел од одлуката за купување и затоа бележиме ваков успех“, додава тој.


Резултати што го менуваат пазарот

Комерцијалниот успех во првите неколку месеци е неспорен. До крајот на јуни во Велика Британија се испорачани 2.400 примероци, а во април и мај тоа беше најпродаван електричен автомобил за приватни купувачи. Ова го позиционираше "Renaul"t како втора најсилна марка во малопродажбата на електрични возила, веднаш зад "Tesla".

Успехот на „петката“ му помогна на "Renault" да го зголеми својот пазарен удел на 3,7%, со пораст на регистрациите од 16% во првата половина на 2025 година. Продажбата на електричните возила на "Renault" порасна за неверојатни 887%, а доаѓањето на моделот "Renault 4" оваа есен треба да донесе понатамошен раст.


Пристапен, но не само поради цената

Вуд истакнува дека почетната цена од околу 23.000 фунти и ниските трошоци за возење го прават вкупното поседување многу слично на споредливите бензински модели. Сепак, тој нагласува дека успехот не се базира исклучиво на пристапноста. „Пристапната цена е важен фактор, но индустријата често заборава на емоционалната привлечност. Мислам дека токму дизајнот и забавата се она што ги привлекува поединците кои можеби претходно воопшто не размислувале за електрично возило“, заклучува Вуд.

„На многу начини, ’петката‘ е како тројански коњ што ќе поттикне сè повеќе луѓе да преминат на електрична енергија.“



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk