Заборавете на Ролекс и Витон: Ќе останете изненадени од тоа на што вистинската елита троши пари

Супермен

29/11/2018

21:42

9.024

Големина на фонт

а а а

Чантите со потпис на Луј Витон, Бугати или Ролекс некогаш беа ултимативен симбол за нечие богатство, но не повеќе.

Очигледното фалење со пари за оние кои се навистина богати не е повеќе интересно. Напротив, тие вложуваат се' повеќе пари во својата безбедност и приватност, па така наместо вила на некое брдо, богатите бараат домови во соседството по кои луѓето нема да можат да "душкаат" на "Google Street View". 

Со оглед на тоа што и средната класа (барем во светот) може да си приушти брендирана облека и модни додатоци, таквите работи за ултрабогатите не се повеќе интересни бидејќи повеќе ги привлекуваат нематеријалните добра како знак на нивниот статус, пишува "Business Insider".

Елизабет Карид-Халкет, во својата книга "The Sum of Small Things: A Theory of an Aspirational Class" тврди дека тоа може да се нарече "незабележлива потрошувачка".

"Тоа е спротивно на т.н. "исклучителна потрошувачка" која ја осмисли Торстејн Веблен, мислејќи на материјални предмети како симболи на социјален статус, што постоеше кај поранешните елити", напишала Карид-Халкет. Накратко, покажувањето на материјалниот статус повеќе не е знак дека некој е навистина богат. Во САД, најбогатите 1 отсто од година во година трошат се' помалку пари на материјални добра.

Тоа е растечки тренд не само помеѓу милионерите и милијардерите, туку и помеѓу оние кои таа ги нарекува "аспиративна класа".

"Оваа нова елита го цементира својот статус, ставајќи приоритет на знаењето и изградбата на културниот капитал. Богатите се одрекуваат од отворениот материјализам и вложуваат во образованието, животниот мир и здравјето бидејќи нематеријалните добра чинат многу повеќе од било која чанта кој може да ја купи некој и од средниот сталеж", додала таа.

Џеј Си Пан од "New Republica" опишал како богатите родители ја пренесуваат својата статусна позиција на децата.

"Им плаќаат здравствена заштита, ги водат на едукативни патувања на Галапагос и им обезбедуваат едукациска предност, од елитни градинки преку припреми за тестови до школарина за најелитните универзитети. Во 2014 година, најбогатите 1 отсто потрошиле 860 отсто повеќе на едукација од националниот просек", напишал Пан.

Од друга страна, богатите родители инвестираат во своето знаење и достигнувања така што постојано работат, што е уште еден модерен симбол на богатството, пишува Шана Лебовиц од "Business Insider".

"Vogue" во 2015 година пишуваше дека здравјето и велнесот станаа статусни симболи, а новинарот Сајмон Купер од "Financial Times" напишал дека "културната елита троши релативно мала сума на козметички производи, но скапо ги плаќа фитнес тренинзите бидејќи смета дека телата би требало да изгледаат природно".

"Дури и слободното време мора да биде продуктивно. Наместо фотографија од шопинг по трговските центри, богатите на своите социјални мрежи објавуваат фотографии од планинарење", додал Купер.

Некои од најбогатите Њујорчани месечно издвојуваат 900 долари за членарина во "Performix House" на Менхетен - елитна теретана која има ригорозен систем на аплицирање, приватни влезови и студио за создавање на содржини за сите оние кои сакаат да бидат присутни на социјалните мрежи.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk