Човекот кој на крајот станал главен пилот за кокаин на Пабло Ескобар, откри дека првично одбил понуда за работа од озлогласениот колумбиски наркобос бидејќи бил задоволен со 4-те милиони долари месечно што ги заработувал работејќи за конкурент, пренесе британски Гардијан.
Во новиот поткаст, за кој се верува дека е неговото прво интервју откако властите го уапсија во неговата вила во Флорида во 1988 година, Тирсо „Ти Џеј“ Домингез раскажа како се предомислил кога Ескобар, познат како Патрон – или газда – му понудил пет пати поголема плата: 20 милиони долари месечно.
„Имав 30 Ламборџини и се облекував скапо. Ми носеа автомобили што одговараа на кошулата што решив да ја носам тој ден“, рече Домингез за својот животен стил во тоа време во осумделниот документарен поткаст наречен „Cocaine Air“ чија копија му беше доставена на Гардијан.
Интервјуто што Домингез го даде на водителот на поткастот, Џонатан Волтон, откако поминал повеќе од една деценија во затвор за трговија со дрога и перење пари, дава сурова претстава од прва рака за тоа што би можело да мотивира некого да работи за еден од најозлогласените криминалци во светот.
Ескобар бил вмешан во убиства, киднапирања и бомбашки напади пред да биде убиен од колумбиските специјални сили во 1993 година.
Како што му кажал на Волтон, Домингез се вклучил во шверц со дрога кон крајот на 1970-тите, откако неговиот татко, градежен претприемач од Јужна Флорида, ненадејно починал од рак додека градел фабрика за шеќер во Хаити.
Домингез рече дека во тоа време имал 20 години и дека потоа бил измамен од двајца банкари од Мајами кои одбиле да му дадат кредит од 14 милиони долари што неговиот татко го обезбедил пред неговата смрт.
Очаен да собере капитал за фабриката за шеќер, Домингез, чија мајка била домаќинка, научил да управува со авион за да заработи пари шверцувајќи марихуана во САД од Бахамите и Колумбија.
Тој раскажа дека се свртел кон шверц на кокаин откако фрлил пратка марихуана од 800.000 долари на погрешен брод, поради што неговите добавувачи го киднапирале и се заканиле дека ќе го убијат него и неговото семејство доколку не им ја надомести загубата.
Најбрзиот начин да ги врати изгубените пари бил да лета со авион полн со кокаин до друг добавувач, што на крајот го сторил.
„Никогаш не сакав да имам работа со кокаин затоа што (трговците со кокаин) беа лоши момци кои убиваа. Јас не ја поддржувам дрогата. Никогаш не сум користел дрога. Бев жртва на измама што всушност ме турна во таа насока“, истакна Домингез.
Сепак, тој прв лет, како што рече, му донел милион долари за да ги отплати бесните добавувачи на марихуана. Тој додаде дека тоа било доволно профитабилно што решил трајно да се посвети на шверцот со кокаин, докажувајќи се како некој што е точен и професионален и кој никогаш не изгубил пратка.
Домингез истакна дека неговата доверливост на крајот го привлекла вниманието на Ескобар, кој се обидел да го регрутира во својот картел. Сепак, Домингез, познат и по прекарот Тито, на почетокот не бил заинтересиран, велејќи дека бил задоволен со четири лета месечно за 1 милион долари по лет.
„Искрено, Пабло Ескобар не ми значеше ништо. Бев полн со себе. Заработував 4 милиони долари месечно. Што му фали на тоа?“, рече Домингез.
Потоа Ескобар понудил да му плаќа четири летови месечно и тоа по 5 милиони долари од лет. Домингез процени дека 20 милиони долари месечно, што денес би биле околу 60 милиони долари со инфлацијата, била понуда што можел да ја одбие. И така, како што рече, почнал да лета исклучиво за Ескобар.
Таа цена очигледно станала превисока дури и за Ескобар, кој подоцна почнал да му плаќа на Домингез со кокаин. Домингез потоа од шверцер станал и дилер, што значи дека можел да лета со стока во авион, да ја продава, да ги собира парите, да ги следи парите и да ги инвестира, сè сам, без посредници.
„Го направив она што ниту еден шверцер во историјата на шверцот никогаш не го направил“, му се пофалил Домингез на Волтон.
Во еден особено трогателен момент во првата епизода од поткастот „Cocaine Air“, Домингез читал од мемоарите чиј коавтор бил братот на Ескобар, неговиот сметководител Роберто Ескобар, во кои се тврди дека „ТЈ“ имал флота од 30 авиони и бил еден од главните превозници на нарко-империјата на Ескобар.
Домингез се потсети како на врвот на својата моќ поседувал вила, компанија која продавала мобилни телефони кога чинеле 5.000 долари, станбен комплекс, компанија за чартер летови и бродови и салон за луксузни автомобили. Дури и имал планински лав како домашно милениче, кој го нарекол Топ Кет.
Но, сè се срушило едно рано утро во април 1988 година кога федералните истражители, вооружени со пушки и хеликоптери, упаднале во неговиот дом и го уапсиле. Обвинителите го обвинија него и 12 други соработници за нелегален увоз на повеќе од пет тони марихуана и кокаин во Јужна Флорида од јули 1984 до декември 1985 година, како што пренесоа „Мајами Хералд“ и „Сан Сентинел“.
Службените лица тврдеа дека салонот за луксузни автомобили на Домингез во Форт Лодердејл и неговите други фирми во областа всушност служеле како параван за мултимилионски синџир за трговија со дрога.
Тие конфискувале околу дваесет луксузни автомобили, Ламборџини, Ферари, Екскалибури и Пантери, како и пет авиони со вкупна вредност од речиси три милиони долари, кои ги ставиле на аукција, заедно со други последици за Домингез.
Во 1991 година, околу две години пред да биде убиен Ескобар, Домингез се изјаснил за виновен за дистрибуција на кокаин и марихуана, како и за перење пари. Тој поминал 13 години во затвор, вклучувајќи две години во самица откако еден затвореник го пријавил за купување хеликоптер од неговата ќелија и планирање бегство.
Домингез објаснил дека пред да биде фатен, му наложил на пилотот да слета на затворскиот простор и „само да го префрли преку оградата“.
„Во близина имаше канал – ме чекаше автомобил“, раскажа Домингез во поткастот.
Сега, на 73 години, Домингез рече дека смета оти го платил својот долг кон општеството и се стреми да стане легитимен претприемач.