Деловните лидери како Џенсен Хуанг, Сем Алтман и Кевин О’Лири го коментираа надоместот од 100.000 долари за H-1B визи, кои ги воведе претседателот Доналд Трамп.
Администрацијата на Трамп воведе такса од 100.000 долари за апликациите за H-1B визи. На овој потег реагираа генералниот директор на „Nvidia“ Џенсен Хуанг и претседателот на „Netflix“ Рид Хејстингс. Ѕвездата на емисијата „Shark Tank“, Кевин О’Лири, изјави дека новата такса би можела „долгорочно да им наштети на иновациите“.
САД секоја година преку лотарија издаваат околу 85.000 нови H-1B визи. Програмата е особено популарна меѓу американските компании кои вработуваат странски работници на дефицитарни позиции — најмногу во технолошкиот и инженерскиот сектор.
Во петокот, претседателот Трамп потпиша извршна уредба со која се зголемува цената на апликацијата за H-1B визи за 100.000 долари. Од Белата куќа за „Business Insider“ изјавија дека овој надомест ќе важи само за новите апликанти, а не и за оние кои ги обновуваат постоечките визи.
Оваа ненадејна одлука предизвика загриженост кај големите технолошки компании како „Amazon“, „Meta“ и „Microsoft“, каде што голем број вработени користат H-1B визи. Сите три компании ги советувале своите вработени да не ја напуштаат територијата на САД или што е можно побрзо да се вратат, ако се веќе во странство.
Извршниот директор на „Nvidia“ изрази оптимизам во врска со таксата од 100.000 долари. „Сакаме сите најсјајни умови да дојдат во САД, а имиграцијата е темелот на американскиот сон. Ние го претставуваме американскиот сон“, рече Хуанг во заедничко интервју за „CNBC“ заедно со Сем Алтман, директор на „OpenAI“. Додаде и дека му е „драго што претседателот презема вакви чекори“.
Директорот на „OpenAI“ ја поддржа мерката на администрацијата. „Мораме да ги привлечеме најпаметните луѓе во земјата, а поедноставувањето на процесот и усогласувањето на финансиските стимулации ми изгледа како исправен потег“, изјави тој.
Соосновачот и претседател на „Netflix“, Рид Хејстингс, исто така ја пофали одлуката на Трамп, нарекувајќи ја „одлично решение“ во однос на постоечкиот лотарија-систем. „Ова ќе значи дека H-1B ќе се користи само за високоценети работни места, што ќе ја елиминира потребата од лотарија и ќе донесе поголема сигурност на тие позиции“, напиша Хејстингс на мрежата X.
Инвеститорот и ѕвезда на шоуто „Shark Tank“ смета дека новата такса ќе им наштети на американските компании и ќе го ограничи пристапот до таленти. „Apple, Oracle, Google – сите почнаа во гаража. Немаше да можат да си дозволат ваква такса. Сите тие компании користеа таленти кои не можеа да ги најдат во САД додека растеа“, изјави O’Лири за „Fox Business“.
„Мислам дека ова ќе ѝ наштети на иновацијата долгорочно. Најталентираните луѓе ќе заминат во други земји,“ додаде тој, нагласувајќи дека американската влада всушност треба да ги награди странските дипломци за да останат во земјата. „Зошто ги школуваме и потоа ги бркаме? Треба да им дадеме 100.000 долари за да дојдат тука“.
Директорката на „Ark Invest“ смета дека новата такса може да се гледа како дел од преговарачката стратегија на Трамп со Индија. Повеќе од 70% од носителите на H-1B визи доаѓаат од Индија. „Ова е преговарање со Индија. Долгорочно, мислам дека претседателот Трамп и неговиот тим сакаат да задржат што е можно повеќе иновации и технолошки таленти во САД“, изјави Вуд за „Bloomberg“.